Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, денеска изјави дека Приштина веќе 12 години не го исполнува Бриселскиот договор, кој предвидува формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО), и подвлече дека нормализацијата на односите не е можно без решавање на статусот на српскиот народ на Косово и Метохија.
„Денес се навршуваат 12 години од потпишувањето на Првиот договор за принципите на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, познат како Бриселски договор. Во срцето на овој договор се одредбите за формирање на Заедницата на српските општини. Неисполнувањето на тие обврски сериозно го поткопува кредибилитетот на Приштина како партнер во дијалогот“, изјави Ѓуриќ.
Тој потсети дека лично учествувал во обликувањето на концептот на ЗСО и ја предводел белградската делегација во 221. рунда од дијалогот во Брисел.
„Морам да нагласам дека не може да се постигне значајна нормализација на односите без да се даде приоритет на решавањето на статусот и правата на српскиот народ на Косово и Метохија“, истакна Ѓуриќ во објава на социјалните мрежи.
Според него, властите во Приштина не само што не обезбедуваат основни гаранции за опстанок и основни човекови и политички права на Србите, туку ја претвориле српската заедница во една од најобесправените етнички групи во Европа. Во интервју за Танјуг, министерот Ѓуриќ нагласи дека зајакнувањето на пријателството и врските со народите ширум светот, како и заштитата на националните и државните интереси на Србија со јасна европска перспектива, остануваат апсолутни приоритети на неговото министерство.