Home » Марина исчезна пред девет години, нејзината мајка не се откажува од потрагата: Срцето ми кажува дека е жива!

Марина исчезна пред девет години, нејзината мајка не се откажува од потрагата: Срцето ми кажува дека е жива!

by Журнал

Овој 29-ти декември ќе биде денот кога ќе се навршат девет години од исчезнувањето на мојата ќерка Марина Арсова. Посветена мајка на две ќерки, во тој период и двете уште малолетни, сега само помалата ќерка е се уште малолетна, беше вработена жена, грижлива… Годините минуваат, ги бројам деновите, чекам било каков глас, било каква информација за моето дете, и надежта дека таа е жива ме води напред- за ,,Фокус” раскажува Ленче Цветкова од Кочани.

Храбрата мајка не се откажува од борбата за својата ќерка, која како што и било кажано, излегла од својот дом во Штип вечерта на 29-декември 2015 година, и и се губи секаков траг. Во тој период имала 32 години.

За Марина, раскажува дека била пожртвувана мајка која никогаш самоволно не би заминала и не би ги оставила своите деца. Што и се случило, каде е цело ова време, како може возрасна жена да се изгуби без траг и никој ништо да не знае сите овие години, за неа и нејзиното семејство е мистерија која постојано ги мачи, но напред ги водела вербата дека еден ден ќе ја пронајдат.

-Марина беше вредна жена, работеше долги години во Сушара во Штип, живееше со ќерката, која во тој период имаше шест години, и со вториот сопруг. Од првиот брак има уште една ќерка, која денес е полнолетна и живее во странство.

Првиот брак и се распадна поради проблеми со алкохол на сопругот, а потоа таа се премажи и со вториот сопруг замина да живее во Штип. Добија ќерка, но имаше лош брак, без разбирање. Нејзниот сопруг беше нетрпелив кон ќерката од првиот брак, па во најдобар интерес на девојчето, Марина го остави да живее со родителите на првиот сопруг, кој е преселен во странство, но постојано сите бевме во контакт.

Животот во Штип и беше тежок. Одеше на работа, а во село во близина на Штип одгледуваа и стока. Беше растргната на сите страни, работеше насекаде, само за да и успее бракот, да му пружи добар живот на девојчето. Но, очигледно беше дека постојано се соочува со проблеми во бракот.

Последен пат ја видов за време на панаѓурот во Кочани, десеттина дена пред да исчезне. Дојде со семејството кај мене, но нејзиниот сопруг започна кавга, и така, со горчина си отиде. После тоа повеќе не ја видов- раскажува мајката.

Вели дека за исчезнувањето на ќерката дознала од полициските службеници, а не од сопругот на Марина. Од полиција и јавиле дека ќерка и е исчезната, а сопругот го пријавил исчезнувањето.

-Тоа беше еден претежок период, кој еве и денес трае… Од полиција ми јавија дека сопругот ја пријавил за исчезната, тој кобен 29-ти декември тој бил во селото каде чуваа стока, кога се вратил дома вечерта нејзе ја немало. Со себе ја понела својата ташна, чизмите, палтото. Пасош немаше, ја зела само личната карта. Кога пријавил, од полиција му кажале дека штом станува збор за возрасна личност, дури по 48 часа ќе започнат со потрага. Која нелогичност е тоа, наместо веднаш да се соберат докази, да се алармира, се чекало два дена. Во тие два дена се можело да се случи.

Поголемата ќерка на Марина ни кажа дека последен пат телефонски разговарала со неа истата вечер, околу 19.20 часот.
Тој ден, таа најнормално се вратила од работа, а на ќерката и кажала дека ќе прави вечера, па потоа пак ќе и се јави. Толку беше, никогаш повеќе не ја слушнавме.

Мене ми се јави неколку дена пред да исчезне, ми кажа дека со помалата ќерка ќе дојде кај мене за Нова година, дека сакаат да поседат и за божиќните празници. Се израдував оти ќе ми дојдат, но не знаев дека тоа ќе ми биде последниот разговор со неа-раскажуава очајната мајка.

Вели дека сопругот на Марина бил повикан на разговор во полиција, бил задржан неколку дена, два пати му било правено полиграфско тестирање, на кое не поминал, а потоа бил пуштен да си оди дома. Вели дека и останале многу неодговорени прашања, и не се откажува од потрагата по вистината.

-Што и се случи, каде е, кој стои зад ова мистериозно исчезнување? Она во кое јас верувам е дека таа никогаш по своја желба не би заминала и не би ги оставила децата, па ниту мене и блиските роднини без да знаеме што се случува. Нејзини колешки од работа кажаа дека последните неколку дена пред да исчезне плачела на работа, очигледно било дека нешто ја мачи. За лошиот брак знаевме сите, но постојано се трудевме да и помогнеме, и јас одев на село да и помагам со стоката за време на викенд, финансиски и помагавме, само за да биде се во ред, да може да се посвети на децата, да го сочува бракот.

На почеток имав голема верба во полицијата и во обвинителството. Но, со тек на време видов дека напразно сум верувала, не помнам веќе колку години никој од надлежните не ми се јавил, ниту пак дека имаат некои нови сознанија.

Дознав дека нејзиниот сопруг во полиција кажал дека таа и порано си имала заминато, што не е вистина, па дури и дека пиела алкохол, но потоа дојде нејзиниот прв сопруг, кој во полиција кажа дека Марина никогаш не пиела, и дека не е жена која би заминала. Значи, таа ниту еднаш порано не се случило да замине било каде без да каже, и не знам зошто беше направен тој обид да се претстави како неодговорна мајка и жена, кога добро знаеме дека живееше за своите деца- вели Ленче.

Додава дека еден месец по исчезнувањето на Марина се случил уште еден трагичен настан, кој им отворил уште повеќе сомнежи. Свекорот на Марина извршил самоубиство.

-Тој беше пронајден мртов, извршил самоубиство со бесење. Стануваше збор за силен и физички здрав човек, висок, крупен, и остана мистерија која беше причината да посегне по својот живот. Тајната ја однесе со себе во гроб.
Ни останаа многу неодговорени прашања, и во изминатите години бев насекаде од каде мислев дека можеби ќе добијам помош. Одев и по гатачки, апелирав на социјални мрежи, не може така без траг да исчезне жена и целото ова време никој ништо да не знае. Верувам дека е жива, ако не беше така, досега сигурно ќе и беше пронајдено телото, и таа верба ме води напред секој ден- појаснува мајката.

Раскажува дека живее за да успее да ја најде ќерката, но и за помалата внука, која сега имала 15 години и останала со својот татко. Го гледала девојчето, но се поретко, и тоа за неа е уште една болна тема.

-Внуката е во години кога и е најпотребна мајка. Ме има мене, иако татко и се поретко ја пушта да дојде. Таа ми дава сила да живеам, се борам за неа, се борам и за вистината за мојата ќерка. Поголемата внука која е во странство, живее самостојно, има 24 години, вработена е. На помалата и е потребна поддршка, потребна и е мајка, жена во животот, посебно сега кога е во период кога созрева и се оформува како личност.

Минатиот месец некоја жена и кажала дека ја видела мајка и во Штип, сигурни сме дека се работи за препознавање, Марина не би одела туку така низ градот, но сите овие вакви и слични ситуации ни паѓаат тешко- вели мајката.

Посочува дека не сака случајот да падне во заборав, а социјалните мрежи кои се широко распространети и даваат надеж дека можеби некој ќе се сети на нешто во врска со Марина, дека ќе се најде некој кој нешто знае за случајот и ќе се охрабри да каже.
Замолува доколку било кој има некаква информација за ќерка и, која годинава ќе наполни 41 година, да и се јави на 077 666 105, и апелира до институциите да не дозволат случајот да застари.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More