-За мене е катастрофа ако не можеме да покажеме напредок кон Европа. И зошто би дозволиле една држава да застане на патот?, рече Марфи и го праша специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан Габриел Ескобар, што САД би можеле да направат повеќе за да се тргне бугарското вето, и дали разговорите меѓу двете нови влади ќе дадат резултати.
– И Бугарија и Северна Македонија се наши ценети сојузници во НАТО. Отсекогаш била наша надеж дека тие можат да ги решат нивните разлики преку конструктивен дијалог и преговори во добра волја. И двете нови влади ни дадоа гаранции дека тоа се случува, и затоа ние го поддржуваме тоа и се надеваме дека може да дојде до заклучок во разумен период, одговори Ескобар.
Ескобар, претходно, нагласи дека „Северна Македонија и Албанија направија значајни реформи и платија висока цена и заслужуваат да напредуваат во процесот на пристапување“.
Тој рече и дека САД се обидуваат да осигураат балканските држави да останат стабилни и заштитени од какво било злонамерно влијание од Русија и Кина.
-Она што Русија се обидува да го постигне, е да создаде ранливост во евроатлантскиот простор. Тие најдоа партнери во одредени земји кои се подготвени да помогнат во унапредувањето на тие цели за да не` оддалечат од други прашања, рече меѓудругото Ескобар.
Истакна дека американскиот долгогодишен дипломатски ангажман ја поддржува целосната интеграција на Западен Балкан во евроатлантските структури.
– Посилен Балкан, интегриран во силна Европа, значи посилна трансатлантска заедница, додаде Ескобар.