Ѓорѓи Спасов
За нас Македонците во денешна Северна Македонија, како што прифативме да ја наречеме државата во која денес живееме и за сите Македонци од трите дела раселени низ светот, Македонија е татковина. Нешто што се сака и се чува со голема љубов.
Македонија за Грците е само историско сеќавање на Александар и Филип Македонски, кои ја напаѓале Атина и ги победувале Грците кои Македонците ги сметале за варвари.
Македонија за нив е можеби и непријатно сеќавање на Граѓанската војна во Егејскиот дел од Македонија по која ги протерале Македонците, населиле голем број Грци протерани од Мала Азија, а преостанатите „славомакедонци“ до ден денешен присилно ги асимилираат. Македонија за нив денес е само регион во составот на нивната држава, кој и не им е најважен во животот.
Македонија за Бугарите е лажна приказна во нивната свест за наводно „најроматичниот период од нивната историја“. Таа лажна приказна е создадена од бугарските историчари и политичари, кои сите војни за заграбување туѓи територии го прикажуваат како борба за „ослободување на нивните браќа“, кои наводно по поделбата на Македонија останале под ропство на Србија и на Грција. Врз основа на таа лажна приказна, изграден е митот дека постојат само „македонски Бугари“ и секој што поинаку мисли и изјавува е „фалсификатор“ на историјата, а тие Македонци во Бугарија што себеси не се сметат за Бугари, изложени се на силен прогон и асимилација.
И за Бугарија денес, Македонија е мал регион што останал во составот на нивната држава во кој се пеат македонски песни што тие ги сметаа за бугарски и соседна држава што со уцени треба да се откаже од сопствената историја.
За нас Македонците во денешна Северна Македонија, како што прифативме да ја наречеме државата во која денес живееме и за сите Македонци од трите дела раселени низ светот, Македонија е татковина. Нешто што се сака и се чува со голема љубов.
Македонија за нас е сонот за наша независна држава, за слобода, за ослободување од туѓите поробувачи.
Македонија за нас е песна што се пее и земја опеана.
Македонија за нас е легенда и стварност во која и со која живееме.
Македонија за нас е болно сеќавање на сите жртви за нејзиното создавање и ослободување, сеќавање на сите прогонети и раселени и на тажната судбина на Македонците низ историјата.
Македонија е збор што го изговараме со восхит и почит и збор што го чуваме од заборавот. Ние искрено говориме за нашата мајка Македонија.
Ние го сочувавме зборот Македонија од заборав и тоа име на библиската земја за навек. Создадовме единствена држава во светот која во своето име го има зборот Македонија. Станавме држава меѓу државите и македонски народ меѓу народите со свој јазик, култура и историја.
Затоа го славиме тој возвишен збор Македонија и сите Илиндени низ кои се создаваше денешната наша татковина.
Македонија е приказна за нас Македонците што по сите завојувања и уништувања како пиреј подникнуваме и не дозволуваме да бидеме искоренети.
Македонија е сѐ што имаме.
И каква е таква е. Ние ја сакаме. И колку сме толку сме, ама токму сме што би рекол поетот и горди сме. Славиме со достоинство и гордост.
Фејсбук-статус на Ѓорѓи Спасов
(Авторот е универзитетски професор и поранешен амбасадор)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“