Амбасадорот на Израел во ОН, Дани Данон, ја опиша резолуцијата како „обид да се уништи Израел преку дипломатски тероризам“
Генералното собрание на Обединети нации денеска ја поддржа необврзувачката палестинска резолуција со која се бара Израел да го прекине своето „незаконско присуство“ во Газа и окупираниот Западен Брег во рок од една година.
Македонија се воздржа од гласање заедно со Велика Британија, Германија, Италија, Холандија, Австрија, Швајцарија, Шведска, Данска, Хрватска, Бугарија, Романија, Полска, Словачка, Литванија, Украина, Србија, Албанија, Канада, Индија, Австралија и други земји.
За резолуцијата гласаа 124 од 193 членки на светската организација, 14 беа против, 43 беа воздржани.
Амбасадорот на Израел во ОН, Дани Данон, ја опиша резолуцијата како „обид да се уништи Израел преку дипломатски тероризам“ во која никогаш не се спомнуваат злосторствата на Хамас и „ја игнорира вистината, ги искривува фактите и ја заменува реалноста со фикција“.
Против гласаа САД, Израел, Чешка, Унгарија, Аргентина и други земји.
Во резолуцијата се бара и повлекување на сите израелски сили и евакуација на еврејските доселеници од окупираните палестински територии „без одлагање“.