Македонците кои живеат и работат во Сојузна Република Германија, обединети во нивната заедница која брои повеќе од 65.000 членови изразуваат длабоката загриженост и незадоволство во врска со постапките и однесувањето на актуелниот амбасадор на Република Македонија во Германија, г. Илбер Села. Поради тоа, тие бараат смена на амбасадорот преку писмо до претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Целата реакција ја пренесуваме во целост:
„Во изминатиот период, се соочивме со низа негативни искуства и реакции од страна на нашите членови, кои го изразуваат своето разочарување поради следните постапки на амбасадорот и неговиот тим:
1. Игнорирање на потребите на македонската дијаспора и Граѓаните често се жалат на недостапноста и незаинтересираноста на амбасадорот за нивните проблеми, што резултира со губење на довербата во институцијата која треба да ги застапува.
2. Недемократско однесување. Амбасадата систематски го ограничува правото на граѓаните да изразат критики преку блокирање на коментари и корисници на официјалната Facebook фан страна, што е спротивно на принципите на транспарентност и отчетност.
3. Навредливи и контроверзни изјави. Посебно ја потенцираме изјавата на г. Села дека „85% од Македонците се дестабилизирачки фактор“. Вакви изјави претставуваат грубо нарушување на честа и достоинството на македонскиот народ.
4. Непотребно провоцирање со употреба на албански јазик во ситуација кога од 200 присутни во сала на настан во Германија оваа 2024 година, само тој и уште двајца се етнички Албанци (но сите го познаваат македонскиот јазик) тој намерно се обраќа и на албански јазик. Од страна на повеќето присутни, таквиот гест беше интерпретиран како непотребна провокација, која е на штета на целокупната констелација во која сите ние сме засегнати.
Наши барања:
Со оглед на горенаведеното, бараме да преземете итни мерки за подобрување на ситуацијата:
1. Јавно извинување од страна на г. Села за неговите неодговорни изјави и постапки.
2. Транспарентна ревизија на неговото назначување. Да се утврди дали назначувањето е во согласност со:
– Законите на Република Македонија за избор на амбасадори.
– Меѓународните стандарди за дипломатски преставници.
– Етичките критериуми за претставување на државата.
3. Итно разрешување доколку се утврди дека амбасадорот е назначен во процедура надвор од законските рамки или постапувал спротивно на должностите кои произлегуваат од неговата функција“, реагира Здружението на Македонците во Германија.