Младиот охриѓанец Мухамед Максуд од Охрид успешно е опериран на клиника во Турција и доби бубрег од неговата мајка.
За студентот, кој работи и како такси возач, во земјава се организираа акции за собирање на средства за скапата интервенција.
Во пресрет му излезе платформата за донации E-crowd, од каде информираа дека 21-годишното момче има ретка болест на бубрезите.
Со цел да му се спаси животот, неговата мајка решила да му го донира својот бубрег. Денес од платформата известија дека операцијата поминала успешно.
Како ретко кој, тој покажа голема човечност и големина, кога откако собрал повеќе средства од потребните за интервенцијата, решил остатокот од парите да го редонира за 10-годишно девојче на кое му беше потребно помагало за движење, односно мобилна скалишна столица.
Ова не е прв случај во земјава, кога мајка донирала бубрег за своето дете. Пред четири години тогаш 19-годишниот Дарко Митров од Кавадарци беше опериран на клиниката Аџибадем Систина Атакен, во Турција.
Со бубрегот кој му го донираше мајка му, тој продолжи со нормален живот, без редовна дијализа и секојдневни ограничувања поради болеста.
Тогаш за ,,Фокус” изјави дека мајка му ниту еден момент не се двоумела дали да биде донор, и доколку било потребно и срцето ќе му го дала.
И за неговата операција се собираа донации од хуманите граѓани.