Home » Листата на санкции на САД да биде основа за воведување на санкции на лица во земјава

Листата на санкции на САД да биде основа за воведување на санкции на лица во земјава

by Журнал

Американската „црна листа“ во 2023 година се прошири со неколку имиња на бизнисмени од земјава, на поранешни и актуелни функционери, па сега се иницираат законски измени со кои се предлага токму листата на санкции на САД, но и онаа на Обединетото Кралство, да бидат основа за воведување на санкции на лица во земјава.

Предлогот за ваквите измени во Законот за рестриктивни мерки доаѓа на иницијатива на МНР.

Целта на законските измени, како што посочи министерот за надворешни работи Бујар Османи, е проширување на опфатот на рестриктивните мерки и на инструментите кои државата ги има на располагање во оваа насока.

„Со овие измени на Законот предлагаме како основ за воведување на рестриктивни мерки од страна на државата да се додадат и правните акти на САД и правните акти на Обединетото Кралство, што значи покрај оние на Советот за безбедност, Европска Унија, сега и правните акти на САД и Обединетото Кралство се валидна основа за воведување рестриктивни мерки“ рече министерот за надворешни работи – Бујар Османи.

Со законските измени, посочи Османи, корупцијата и злоупотребата на службената должност ќе станат дополнителни основи за воведување рестриктивни мерки покрај тероризмот и пролиферацијата на оружје. Измените, покрај актуелната мерка за конфискација на имот, би предвидувале и времено престанување на јавната функција и забрана за учество во процесите на јавни набавки на лицето за кое е покрената истрага сè до правосилна судска одлука.

„Откако се задолжува институцијата предлагач да ги достави сите материјални и нематеријални докази до Јавното обвинителство, а ЈО законски се обврзува веднаш да почне постапка, вклучувајќи и конфискација на имот, и доколку заврши таа истрага со подигнување на обвинение, тогаш се воведуваат два нови инструменти, а тоа е времено престанување на вршење на јавна функција и забрана за учество во процесот на јавни набавки сè до правосилна судска одлука“ – појасни Османи.

На т.н. „црна листа“ на американскиот Стејт департмент минатата година се најдоа и имињата на екс вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓучев, бизнисменот Орце Камчев, бизнисменот Сергеј Самсоненко, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, а од претходно на оваа листа се екс премиерот Никола Груевски и на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More