Home » Лимани кон младите: Нашите врати се отворени за вас

Лимани кон младите: Нашите врати се отворени за вас

by Журнал.мк

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денеска, учествуваше на конференцијата со наслов „Од Словенија до Северна Македонија: Синергијата на образованието и бизнисот во Северна Македонија“, во организација на Амбасадата на Република Словенија, Македонската студентска организација во Словенија и Друштвото на словенечки и македонски стопанственици.

Целта на оваа конференција беше на едно место се соберат младите студенти, претставниците на институциите и стопанствениците, да се слушнат предизвиците со кои сме соочени како држава и заеднички да се работи на изнаоѓањето решенија, со кои ќе се подобри демографската слика на државата, односно ќе ги вратиме младите дома, а на идните генерации да им се обезбедат услови за образование и напредок во својата земја.

Во своето обраќање пред присутните министерот Лимани се осврна на сериозноста на состојбата со младите од Македонија, кои сè повеќе иднината ја гледаат во други држави. Притоа ја истакна заложбата на оваа Влада, која ги препознава предизвиците со младите и заради подигнување на нивното значење во општеството, секторот млади го вгради како приоритетна област во Министерството за социјална политика, демографија и млади.

„Би сакал да се осврнам на едно од последните истражувања на Фондацијата ‘Вестминстер’ за учеството на младите во социјалниот и политичкиот живот во државата, според кое 62 % од младите би се отселиле од Македонија доколку им се даде шанса, а уште посериозно е дека дури 77 % од младите не би се вратиле назад во Македонија доколку се отселат. Како фактори што влијаат на овие нивни одлуки се вбројуваат состојбите во образовниот систем, студентскиот стандард, здравството, како и можностите за вработување. Овие бројки се алармот, кој веќе е вклучен. Оваа состојба во која се наоѓа нашата држава е многу сериозна. И наша одговорност како Влада е да преземеме сериозни чекори ВЕДНАШ за да го смениме овој негативен тренд,“ посочи Лимани.

Тој посочи и дека презентацијата на резултатите од анкетата спроведена од Македонската студентска организација во Словенија и излагањата на студентите од Универзитетите во Словенија за тоа како младите гледаат на можноста да се вратат во својата земја за да бидат дел од општествената заедница се патоказите што треба да ги следиме ако сакаме да постигнеме успех во решавањето на овој предизвик.

„Следејќи го овој негативен тренд на заминување на младите од државата и нивно останување таму, резултира со креирање конкретни политики и стимулативни мерки од страна на оваа Влада, која се обврзува да ги реализира по секоја цена. Еден од главните приоритети на кои ќе работиме е отворањето нови работни места за младите, кое може да се постигне преку поддршка за претприемаштво и стартапи, обезбедување финансиска поддршка и грантови за млади претприемачи, како и обуки и менторски програми за развој на бизнис-вештини,“ рече Лимани.

Тој ги посочи и партнерства со приватниот сектор, поттикнување инвестиции од домашни и странски компании, даночните олеснувања и субвенциите, формирање јавно-приватни партнерства за развој на нови проекти, поддршката на новите технологии и иновации, инвестициите во инфраструктурата и услугите во руралните подрачја како дел од мерките што ќе ги преземе оваа Влада.

„Сликата на заминување на младите студенти надвор од државата затоа што тука не успеале да се вработат и нивниот потенцијал не бил препознаен, ќе го замениме со нова. Ќе обезбедиме загарантирана понуда за работа за најдобрите студенти. Оваа мерка ќе придонесе кон намалување на невработеноста меѓу младите и да помогне во задржување на талентираните млади луѓе во земјата,“ посочи Лимани.

Тој на крајот на своето обраќање им порача на младите: „Нашите врати се отворени за вас, ајде заедно да ги креираме и реализираме идните младински политики.“

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk