Home » Лимани: Ја зголемуваме поддршката и инклузијата на ранливите категории граѓани

Лимани: Ја зголемуваме поддршката и инклузијата на ранливите категории граѓани

by Журнал.мк

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска учествуваше на петата трибина во рамките на Платформата „100% Посветено за тебе“ со фокус на социјалната и здравствената во нашето општество.

Во одговор на прашањето кои политики и мерки ќе ги преземе Министерството за социјална политика, демографија и млади со цел поголема поддршка и инклузија на ранливите категории на граѓани во општеството, министерот се осврна на конкретни мерки кои се планирани во периодот пред нас.

„Како ресорно министерство одговорно за испорака на права и услуги од социјалната заштита наменети за ранливите категории на граѓани, а со цел подобрување на квалитетот на живот на истите, пристапивме кон креирање на конкретни политики и мерки. Зголемените цени и влошениот животен стандард, секојдневно продуцираат уште поголема социјална нееднаквост. Затоа планираме: зголемен надомест за социјална заштита односно зголемување на гарантирана минимална помош за 10%, на посебниот додаток за 30%, на паричната помош за квадриплегија за 50% , за потполно глуви лица за 20%, на правото на надоместок на плата за скратено работно време за родители поради нега на дете или лице со телесна и ментална попреченост и најтешки хронични заболувања за 30% и ново право на парична помош на лицата без горни екстремитети,“ истакна министерот Лимани.

Тој додаде дека со одделни проекти се опфатени сите категории на лица со попреченост. Притоа посочи дел од нив како обезбедување на нови 1.500 аудио книги за лицата со оштетен вид, изградба на патеки за слепи лица во сите градови, воведување на избирачки лист на брајово писмо за лицата со оштетен вид, обука на толкувачи на знаковен јазик, поддршка за унификација на знаковен јазик и други.

„Ќе предвидиме програма за вработување на најмалку едно лице со попреченост во сите јавни институции над 50 вработени. Ќе предвидиме посебни програми за лицата со попреченост што ќе започнат сопствен бизнис. Како и програма за вработување на деца без родители и родителска грижа по наполнување на 18 години,“ рече Лимани.

Тој се осврна и на пензиските политики на Владата и враќање на достоинството на пензионерите, кои во првите 100 дена од владата добија линеарно покачување од 2.500 денари, а ќе добијат уште едно такво во месец март.

Платформата „100% Посветено за тебе” претставува иницијатива на Владата со цел да се обезбеди транспарентност и отворен дијалог со медиумите и граѓаните и можност да се информираат за активностите на Владата, како и целите и остварувањата на ресорните министерства.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk