„Во 2021 година главниот акцент ќе го ставиме токму на нашиот капацитет во Штип, ќе обезбедиме подобри услови за работа, за вежби, за подготовка за НАТО операции. Своја шанса за работа и за напредок ќе добијат најдобрите млади војници, подофицери и офицери кои ќе ги исполнуваат повисоките критериуми и кои што ќе покажат резултати”, рече Шекеринска.
Таа потсети дека оваа воена единица имала обуки со тимови од Обединетото кралство, а дека сега продолжува со самостојни обуки, оценувајќи дека овие војници гордо ќе ги носат македонското знаме и значката на НАТО.
„Ако по триесет години чекање, главниот позитивен настан за сите нас минатата година беше членството во НАТО, во 2021 година најважно ќе биде практично да покажеме и докажеме на дело колку добри сме како членка на Алијансата”, порача министерката за одбрана.
