Националниот џез-оркестар на 1 октомври, од 21 часот, на Летната сцена „Славиша Кајевски“ во МНТ ќе настапи со концерт со хитови на „Битлси“, а веќе на 8 октомври на сцената на МНТ, ќе одржи концерт со студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје и Џез-академијата при УГД во Штип.
Вонвременските хитови на легендарните „Битлси“ ќе прозвучат на сосема нов начин на концертот на Националниот џез-оркестар. Од оркестарот ветуваат оригинална интерпретација и незаборавна вечер со композиции на ливерпулската четворка, која ја смени музичката рокенрол историја.
Како солисти на концертот ќе настапат Кирил Кузманов, Славко Георгиев, Трајче Велков, Виктор Филиповски, Сашко Николовски и Гордан Спасовски под диригенство на маестро Џијан Емин.
Една недела подоцна, на 8 октомври, Националниот џез-оркестар ќе одржи и специјален концерт во Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје, со почеток во 20 часот, на кој ќе се случи спој на искуството на професионалните музичари и талентот на студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје и од Џез-академијата во Штип.
Концертот ќе понуди динамична програма, исполнета со разнородни џез-композиции и иновативни аранжмани. Таа вечер ќе биде одлична можност јавноста да ужива во креативноста и свежината на новите таленти, како и да ги поддржи во нивниот музички развој.