Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува загриженост за случувањата во скопската Зоолошка градина и бара одговорност во врска со последниот скандал на смртта на слоницата Даела.
„Бидејќи не станува збор за прв случај, да потсетиме дека само пред некој месец угинаа жирафите, тигрицата, пингвин, кланицата со расните коњи, а прашање на време е кое животно ќе биде следно, со оглед на третманот и условите кои ги добиваат животните од страна на директорот и менаџментот на Зоолошка градина под директно управување од градоначалничката Данела Арсовска и градот Скопје. Оттука ЛДП бара итно расчистување на случајот и транспарентност од страна на надлежните органи во врска со овие инциденти се со цел да се гарантира безбедноста и благосостојбата на животните во Зоолошката градина, но и на посетителите кои го користат ова место за рекреација, стои во реакцијата на ЛДП.
Либерално-демократската партија (ЛДП) исто така бара оставка од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, поради нејзиното катастрофално менаџирање на градските институции и неспособност да се справи со проблемите на градот. Според ЛДП, проблемите не се само во ЗОО Скопје. Скопјани сведочат на секојдневни проблеми со хигиената, парковите и нивното одржување, ЈСП се претвори во претпријатие без автобуси со зголемени долгови од месец во месец. „Лошото управување на јавните претпријатија под нејзина надлежност се главни причини за ова барање“, велат тие.
Од Зоолошката градина денес соопштија дека слоницата вчера не угинала, туку била извршена евтаназија врз неа.
„Слоницата имаше околу 60 години, а слоновите во просек живеат толку. Слоницата Даела имаше болести, дојде лекарски тим од Белгија и процени дека е подобро да се изврши евтаназија“, изјавија од скопската Зоолошка.
Сепак за угинувањето на слоницата вчера не беше известена јавноста а во неколку медиуми се појави информација за несоодветен транспорт на слоницата во депонијата Дрисла. Од скопската Зоолошка засега не се огласија по тие обвинувања.