ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Кире Лазаров има причина да биде задоволен од прикажаното од македонската репрезентација на овој светски шампионат, па нашиот селектор во опуштена атмосфера го дочекува вечерашниот меч со селекцијата на Франција.
„Јас би можел да кажам дека ова ни е најлесниот, не најтешкиот меч за нас на овој мундијал. Знаеме против кого ќе играме, тие заедно со Данска се двете најдобри светски репрезентации во последните десетина години, ние влегуваме во натпреварот свесни дека немаме што да загубиме, вчерашниот ден момците добија тотален одмор бидејќи ако нешто ни биде потребно со Франција, тоа е сила за да се носиме со Французите. Ќе се обидеме да му парираме на противникот, секако онолку колку што ќе ни биде дозволено бидејќи Франција е една навистина силна репрезентација, која е добра во дуел, многу трча и има 16 подеднакво квалитетни ракометари со што диктира темпо“, вели Лазаров.
Главната порака до ракометарите, покрај барањето за максимален ангажман, е да не се покажува претеран респект кон реномираниот противник.
„Како селектор ќе барам од нашите момци да не покажат преголем респект, секако дека ние многу го почитуваме денешниот ривал, но треба да научиме како да играме со големи репрезентации, да не ги респектираме премногу, да не ги гледаме како се загреваат, едноставно да се посветиме самите на себе, да веруваме во нашиот систем, во она што го тренираме и го играме и да се обидеме да стигнеме до што подобар резултат“, порачува Кире Лазаров.
Јасно е дека противникот има врвни ракометари во своите редови, а нашиот селектор смета дека подобро ќе биде да играат најголемите француски ѕвезди отколку резервите, кои би биле дополнително мотивирани против Македонија.
„Од она што можев да го видам, Французите се опасни од сите позиции, шутираат и надвор од 12 метри… пред нас е интересен дуел, треба да се одмориме и да излеземе на терен и да го дадеме максимумот. Се надевам дека можеби малку ќе не потценат бидејќи веќе се во главна фаза, но познавајќи го нивниот систем знам дека нивната национална селекција е светост и тешко се влегува во репрезентацијата. Можеби од тој аспект би било подобро да играат со првата постава против нас, бидејќи оние резервни ракометари сигурно ќе бидат уште помотивирани да дадат се од себе и да го задржат репрезентативниот статус. Јас сум задоволен од нашите момци, од се што покажавме на ова СП и очекувам за крај да покажеме уште еден добар меч, но се ќе зависи од тоа колку ќе ни дозволи противникот. Јас верувам во добра наша претстава, нема да се предадеме, ќе се бориме, а ќе се видиме до каде ќе не доведе тоа борење и непредавање, да видиме до каде сме против една од двете најдобри селекции во светот“, истакнува кормиларот на македонскиот национален тим.