Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард изјави дека се надева оти претседателот Доналд Трамп нема да ги исполни своите закани за смена на претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел.
И двајцата сме навикнати на политички притисок на овој или оној начин – изјави Лагард во интервју за CNBC. Таа одби да коментира дали потенцијалното отстранување на Пауел, што е правно сива зона, може да влијае на финансиските пазари.
– Се надевам дека тоа не е на маса – додаде таа.
Во критиките за Пауел, Трамп ја пофали Европската централна банка за намалувањето на каматните стапки дури седум пати во изминатата година, вклучувајќи го и последното намалување минатата недела.
– Европа веќе „намали“ седум пати – напиша Трамп во понеделникот на својата социјална мрежа.
-Пауел секогаш „доцнеше“, освен кога беше во прашање предизборната кампања – кога ги намали каматните стапки за да му помогне на Слипинг Џо Бајден, а подоцна и на Камала да победат на изборите. Како успеавте во тоа – додаде тој, пишува CNN.