Кабинетот на косовскиот премиер Албин Курти во соопштение призна дека премиерот бил „нападнат од шеговит повик“ од руски комичари, нарекувајќи го тоа „несреќен инцидент“ и оценувајќи дека Русија е „опседната“ со Косово, објави „Репортери“.
Се тврди дека инцидентот се случил на 11 февруари, два дена по парламентарните избори, во време кога Курти добивал бројни повици и честитки за изборниот резултат и дека поради временските ограничувања не можело секогаш да се вршат целосни проверки на секој повик.
„Овој немил инцидент го зајакнува она што одамна го знаеме – Русија е опседната со Косово и продолжува да не држи како своја цел“, се вели во соопштението.
Додаваат дека Спутник Србија и Раша Тудеј објавиле повеќе од 60 лажни вести и дезинформации за време на изборната кампања за парламентарните избори на Косово, мешајќи се во демократскиот процес, што, како што тврдат, го документирала и мисијата на ЕУ за набљудување на изборите.
„Иако жалиме што премиерот Курти стана цел на таков повик, оваа епизода ги потврдува неговите принципиелни и конзистентни позиции за клучните прашања, како во јавните така и во приватните разговори“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот Курти.