Украински беспилотни летала започнаа ноќен напад, меѓу другите и врз западниот пограничен руски регион Курск, оштетувајќи болница и станбени згради и повредувајќи најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер рано во петокот.
Од другата страна на границата, во украинскиот регион Суми, регионалниот гувернер извести за нови борби во селата во близина на границата каде што Русија зазема територија. Тој рече дека постојано се менува контролата над различни области во неговиот регион.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека сака да создаде тампон зона во Суми, која беше искористена за да се започне упадот на Украина во Курск минатата година и од каде украинската војска извршува смртоносни напади и врз руска цивилна инфраструктура и населби.
Во регионот Курск, од каде украинските сили коишто го извршија упадот минатиот август се истиснати со огромни материјални и загуби во жива сила, гувернерот Александар Хинштајн изјави дека украински беспилотни летала го преплавиле главниот град, исто така наречен Курск.
„Фрагменти од беспилотни летала ја оштетија градската болница број 1 во Курск. Прозорците беа скршени. За среќа, нема повредени пациенти. Фрагменти од паѓачките беспилотни летала, исто така, оштетија високи станбени згради“, напиша Хинштејн на апликацијата за пораки Telegram.
Украинската војска тврди дека нејзините сили наводно уште се активни во мали области од Курската област. Меѓутоа, западни извори наведуваат дека станува збор за изолирани групи кои се обидуваат да избегнат напади на руската војска при нивното повлекување преку границата.
Властите во Сумската област, која со месеци е под постојани руски напади, оваа седмица признаа дека руските сили контролираат најмалку четири села во близина на границата, додека руската војска тврди дека контролира значително поголема територија во оваа северна украинска област.
„Активните борби продолжуваат во одредени гранични области, особено околу населбите Хотин и Јунакивка. Ситуацијата на контактната линија постојано се менува. На некои места ние ја држиме иницијативата, на други непријателот покажува активност“, напиша гувернерот Олех Хрихоров (Олег Григоров) на Facebook.
Руското Министерство за одбрана во четврток соопшти дека неговите сили зазеле уште три села додека полека напредувале низ делови од источна Украина. Тоа се Строивка во североисточниот Харковски регион, каде што Москва долго време вршеше притисок, и Шевченко Перше и Гнативка во близина на градот Покровское, средишни точки на рускиот напредок кон запад со месеци.
Извештаите на украинската војска не потврдија дека некое од трите села паднало под руска контрола. Во соопштението објавено доцна во четвртокот се вели дека руските сили извршиле 53 напади во последните 24 часа во близина на Покровское.