Како и секогаш Охрид на Илинден ја доживува кулминацијата на главната туристичка сезона. Хотелските и индивидуалните сместувачки капацитети се преполни со туристи, а слично е и во автокамповите. Покрај од земјава гости има од скоро сите континенти и она што е невообичаено е големиот број на наши иселеници од целиот свет, кои поради корона кризата во изминатите години не можеа да го посетат родниот крај.
„Секоја година си го славам Илинден, било во Австралија, било во Македонија. Тоа значи Илинденското востание кога нашите прадедовци се бореле за независна Македонија, Крушевската Република да биде прва Република на Балканот“, вели иселеник од Австралија.
„Освен тоа што е сè убаво, што е град тврдина, улиците, езерото секако, луѓето тука се најдобри. Тие се многу љубезни и природни и тоа овде е најголема вредност покрај сите останати“.
Дури и туристичките водичи се изненадени од бројноста на странските туристи.
„Јас лично никогаш не сум имала толку многу групи како оваа година. Можам да речам дека имаме дури повеќе групи од пред короната. Јас работам на италијански и англиски што значи дека имам најмногу групи од Италија, исто така има многу Корејци, многу азијати оваа година, дури имав и Американци. Значи нема место од каде што не доаѓаат луѓе“, изјави Катерина Василевска, туристички водич.
Покрај бројните културни и забавни настани во градот туристите денеска имаа можност да го проследат и традиционалниот илинденски пливачки маратон. На патеката Горица-Градско пристаниште, долга два и пол километри учество зедоа над 50 пливачи од земјава и странство.