Home » Кривичен суд: Одговорноста за бегство на Рамадани треба да се бара кај МВР

Кривичен суд: Одговорноста за бегство на Рамадани треба да се бара кај МВР

by Журнал.мк

Одговорноста за бегството на косовскиот државјанин Блерим Рамадани од куќен притвор во Северна Македонија треба да се бара кај Министерството за внатрешни работи (МВР), се огласи Основниот кривичен суд Скопје откако случајот со поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) предизвика низа реакции во јавноста.

Од судот во реакцијата потсетуваат дека по апсењето на косовско-македонската граница, Рамадани се наоѓал во куќен притвор 15 дена (од 17 јули до 1 август) што, тврдат оттаму, според праксата е максимално време кое некое лице го поминало во екстрадициски притвор во вакви случаи. По ова, судот одлучил да му определи куќен притвор.

„Надзорот над куќниот притвор, согласно решението се доверува на МВР односно надлежната полициска станица. Па заради тоа одговорноста (системска или индивидуална) за бегството треба да се бара кај органот кој го врши надзорот“, велат од Кривичен.

Зборувајќи за досегашната судска пракса, од судот потенцираат дека идентичен случај имале и во 2019 со лицето Томора Морине за кого исто така Србија барала екстрадиција, но Северна Македонија не го испорачала на српските власти бидејќи лицето се гонело за дело сторено во Косово заради што „надлежноста за водење на постапката ја има Република Косово“.

Ваквата одлука, потенцираат, била потврдена и од Врховниот суд.

Во меѓувреме, и за случајот со Рамадани судот одлучил дека нема основ за негова екстрадиција во Србија. Потерницата што ја распишаа српските власти за него, како што велат од Кривичен, е за дело сторено во Република Косово.

„Согласно воспоставена судска пракса и меѓународното право, Кривичниот совет донесе решение според кое не се исполнети Законските услови за екстрадиција и целиот предмет е доставен на надлежно постапување на Врховниот суд. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судскиот совет може и треба да проверува и утврдува дали судот постапувал согласно Законските одредби и праксата на повисоките судови, но апелираме случајот да не се користи за политички препукување“, велат од Кривичниот суд.

Содржината на налогот за апсење врз основа на кој тој беше приведен се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

Рамадани беше уапсен на 17 јули на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадициски притвор во затворот во Шутка, но на 1 август мерката му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој според решението бил упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август.

Откако избега од домашен притвор, министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, соопшти дека Белград бара објаснување од државните органи на Северна Македонија за бегството.

Претходно, прашањето за неговата екстрадиција беше покренато и при посетата на косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља на 31 јули. Свечља рече дека Скопје треба да одлучува самостојно и ја обвини Србија дека сака да ги наруши односите меѓу земјите од Западен Балкан.

Премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски на 16 август рече дека случајот со Блерим Рамадани е уште една потврда зошто правосудниот има ниска доверба од два проценти кај граѓаните.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More