На осомничениот Н.К. му е определена мерка притвор во траење од 30 дена, а на осомничениот М.З. му е определена мерка куќен притвор во траење од 30 дена
За двете лица се смета дека се дел од меѓународна организирана криминална група
На двете лица што вчера беа приведени на Скопскиот аеродром, каде што беа запленети над еден тон прекурсори, наменети за производство на амфетамин со вредност од над 50 милиони евра, денеска им е определена мерка притвор.
За двете лица се смета дека се дел од меѓународна организирана криминална група и за нив постои основано сомнение дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Од Кривичниот суд Скопје утрово соопштија дека судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, а по произнесување на осомничените и јавниот обвинител во однос на предлогот, донесе решенија со кои го прифати предлогот на ЈО и на осомничениот Н.К. му определи мерка притвор во траење од 30 дена, а на осомничениот М.З. му определи мерка куќен притвор во траење од 30 дена.
Притворот им се одредува поради опасност од бегство, можност за попречување на истрагата и влијание на сведоци и можност за повторување на делото. Против овие решенија тие имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Од Јавно обвинителство појаснија дека во спроведената акција се запленети 40 пакувања хемиска материја во вкупна тежина од 1 105 килограми.