Втора година образованието се организира во КОВИД-пандемија, но за разлика од учебната година кога се појави вирусот, учениците и наставниците веќе се приспособени на новата реалност и се вратија во училиштата и на настава со протоколи.
Во јуни учебната година заврши со хибриден модел – онлајн-настава за сите освен за најмалите до трето и за ученици во мали училишта (подрачни и во рурални средини), а од новата учебна во септември наставата без прекини се одвива со физичко присуство за сите ученици.
Одлуката беше донесена поради важноста училиштата да бидат отворени за децата, бидејќи е во најдобар интерес за нив, на што укажуваа(т) и меѓународни организации како УНИЦЕФ и ОЕЦД, но и затоа што според спроведениот скрининг и проценката на надлежните училиштата, не се средини каде што вирусот се шири, а над 75 отсто од вработените се вакцинирани.
Ресорната министерка Мила Царовска неодамна изјави дека доколку состојбата драстично се промени поради ризикот од новиот сој омикрон и ако во други сектори се донесат други, како што рече, „драстични мерки за ограничување“, МОН ќе ги разгледа тие факти и заедно со Комисијата за заразни болести ќе донесе одлуки што ќе бидат во интерес на учениците и на заштита на јавното здравје.
Образованието во 2021 година го одбележаа новата Концепција за основно образование и согласно со неа – воведувањето нови наставни програми и дигитализација на учебници. Беше скратена државната матура за минатогодишната генерација, воведени се образовни асистенти платени од државниот буџет и отворени нови паралелки за средно стручно образование.
По околу пет месеци дебати за и против Концепцијата за основно образование, таа беше усвоена во март, а почна да се применува од новата учебна 2021/2022 година. Најпрво во прво и во четврто одделение за што беа подготвени нови наставни програми.
Планот на МОН е етапно да се воведуваат нови наставни програми и за пет години да биде реформирано целото деветгодишно основно образование. Според стручните кои ја подготвија, придобивки од Концепцијата се намален број предмети, нивно интегрирање и можност за учениците да избираат предмети со што се почитуваат нивните интереси и се овозможува развој на нивните потенцијали.
Според нив, Концепцијата обезбедува настава ориентирана кон продлабочено и смислено учење базирано на критичко мислење и логичко заклучување, осмислување и поврзување на информациите и решавање проблеми, наместо помнење факти, кои денес се лесно достапни, а се подложни и на манипулација.
Паралелно почна и процес на дигитализација во образованието – новина што наиде на отпор и бојкот на наставата, кој пролетта го организираше граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“. Претставничката на иницијативата Драгана Спасевска за медиумите изјавуваше дека нивната фејсбук-група има 70 000 приврзаници и дека се „гласот на родителите кои се противат на реформи што не се во интерес на нивните деца“.
Тие бараа да запре постапката за носење на Предлог-законот за учебници и наставни материјали не согласувајќи се со целосно отфрлање на печатените учебници, како и со други најавени реформи во образованието. Повикуваа на бојкот на наставата и иницираа организирање референдум за граѓанско изјаснување по предлог-законот. Ги собраа потребните потписи, но тој не беше распишан. Владата го повлече од собраниска процедура, а МОН најави дека од септември повторно ќе организира дебати за нови сугестии со кои ќе биде подобрен предложениот текст.Според Предлог-законот, дигиталните учебници треба да се воведуваат во фази и за пет години да бидат во употреба во основното и средното образование. Исклучок се учениците до трето одделение за кои ќе има нови наставни програми, но учебниците и натаму ќе бидат хартиени.
Дигитални содржини од септември почнаа да се применуваат во четврто одделение, поставени на платформа за преземање e-biblioteka.gov.mk За децата во социјален ризик беа обезбедени дигитални уреди од училиштата на реверс, а печатени наставни материјали се опција само за четвртоодделенците кои во домовите немаат електрична енергија.
На реакциите од јавноста министерката Мила Царовска одговараше дека учебниците што се користат го немаат потребниот квалитет, не се усогласени со новите наставни програми и не ги пресретнуваат потребите на учениците за знаења и истражувања.
– Дигиталните учебници и учењето од мултимедија и квизови значи светлосни години скок во образовниот процес. Затоа создаваме материјали за учење кои се прилагодени на потребите на сегашните ученици. Сакале или не, светот и генерациите коишто доаѓаат се движат напред. И учениците велат дека повеќе сакаат да имаат материјали кои се дигитални, бидејќи на тој начин ќе бидат повеќе мотивирани да учат. Оттука одлуката за дигитализација на содржини за учење е исправна. Сигурна сум дека учениците ќе бидат пресреќни, изјави Царовска пред почетокот на учебната година.
Протести и бојкот на почетокот на 2021 година организираа матурантите кои не се согласуваа да ја полагаат државната матура по стар концепт, особено затоа што генерацијата пред нив, оние што матурираа во 2020-та, поради пандемијата беа ослободени од завршниот испит.
Претставници на матурантите, предводени од лидерот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи, од крајот на 2020 преговараа со МОН и во февруари со Владата договорија олеснувачки услови за полагањето на матурата во десет точки, меѓу кои најкрупните компромиси беа да бидат тестирани по два наместо по три екстерни предмети и испитните програми да бидат скратени.
По заедничката изјава со средношколскиот лидер во средината на февруари, тогашниот премиер Зоран Заев рече дека предлозите на средношколците за модифицирање на државната матура биле прифатени зашто биле образложени со издржани аргументи.
МОН оваа година се фокусираше на унапредување на средното стручно образование со цел да го направи привлечно за идните средношколци. Организираше кампања „Учи паметно, работи стручно“ за да се утврдат потребите од занимања/струки на пазарот на трудот и во консултации со училиштата, локалните самоуправи и компаниите се договараше уписната политика за отворање паралелки за одредени профили во секоја од општините.
Тоа резултираше со Конкурс за упис во прва година средно во кој слободни за стручно образование беа 19 602 од вкупно 30 053 места. Оформени беа 97 паралелки во 46 средни училишта во 25 општини, кои заедно со над 200 компании спроведуваат концепт на дуално образование.
МОН воведе и нови стипендии за оние кои ќе се запишат во дуална паралелка или во тригодишно стручно образование и за ученици запишани во прва година во неколку дефицитарни струки – електротехничка, машинска, угостителско-туристичка, градежно-геодетска, земјоделско-ветеринарна и текстилно-кожарска.
Во оваа учебна година почна и финансирање образовни асистенти од буџетот од државата, што е во рамки на заложбите за инклузивно образование како дел од новиот Закон за основно образование.
Преку петте посебни основни училишта кои се трансформираат во ресурсни центри летото беа распишани огласи за вработување 500 образовни асистенти на определено време. Тие им помагаат на учениците со атипичен развој да се вклучат во редовната настава. За учебната 2021/2022 се обезбедени 59 милиони денари.
Додека учениците се на зимски распуст, ресорот образование се очекува да добие нов министер по повлекувањето на Мила Царовска од функцијата. Пред крајот на годината таа соопшти дека донела одлука да не биде дел од новата Влада. Покрај нејзиното, треба да биде пополнето и заменичкото место во МОН по оставката на Арафат Шабани од движењето Беса, кого треба да го замени кадар на партијата Алтернатива.