Со највисоки државнички и воени почести на плоштадот Александар Невски во Софија, бугарскиот премиер Кирил Петков го пречека македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
Петков и бугарската влада се домаќини на Ковачевски и министрите од нашата влада, на заедничката седница која ќе почне утре изутрина и ќе трае до доцна вечерта.
Ковачевски е само осум дена премиер, но оваа меѓувладина седница се одржува едвај недела дена откако новиот бугарски премиер ја посети Македонија, зашто веднаш беа договорени активности за кои двајцата кажаа дека брзо ќе се тераат.
Забрзување на изградбата на автопатот на Коридорот 8, со години зачмаен од македонската страна, новиот граничен премин Клепало, составување на комисиите за економија и стопанска соработка, образование, култура, иновации… се отприлика главните активности за кои ќе работат и ќе се договараат двете влади овде во Софија.
Ковачевски е дојден со првиот негов заменик Артан Груби, со вицепремиерите Славица Грковска и Фатмир Битиќи, потоа министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за земјоделство Љупчо Николовски, министерот за образование Јетон Шаќири, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за животна средина Насер Нуредини и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.