Home » Костадиновски: Сите реформи во правосудството да бидат согласно Уставот

Костадиновски: Сите реформи во правосудството да бидат согласно Уставот

by Журнал.мк

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски гостуваше во централниот Дневник на МРТ и одговараше на прашања поврзани со правосудството, приоритетите во неговиот мандат, значењето на новиот Акт и позитивните ефекти кои се очекуваат од неговата примена. На прашање во врска со актуелните реформи кои се најавуваат во правосудството Костадиновски нагласи дека секој треба да го почитува Уставот и реформите треба да се носат во согласност со уставните начела и принципи.

„Состојбите се општопознати, појдовна точка е недоверебата во правосудниот систем. Сосема е легитимно органите кои имаат уставно овластување и уставна надлежност да ги нормираат општествените односи или веќе нормираните општествени односи, ако увидат слабости да пристапат кон измени или дополнувања на одредени законски решенија. Тоа е легитимно право и уставно овластување на тие органи. Она што за мене како претседател на Уставниот суд е битно, не е да ја ценам целисходноста на нивната намера, тоа не е надлежност на Уставен суд, наша надлежност е тоа што ќе се нормира ако проценат дали во оваа област или во било која друга област ќе има потреба од измени и промени да биде во согласност со Уставот. Примарна работа на секој еден граѓанин, на секоја институција е да го почитува Уставот. Тоа важи за мене, тоа важи за Вас, за Владата, Собранието… Од исклучителна важност за правната држава е било какво законско решение да биде во согласност со Уставот”, истакна Костадиновски.

За прашањето поврзано со мандатот на уставната судијка Добрила Кацарска и информациите дека е поднесено известување од страна на Судскиот совет до Собранието, претседателот Костадиновски одговори:

„Денеска од медиумите дознав дека постои таква иницијатива, ние како суд немаме известување за релевантноста и постоењето на таква иницијатива. Oсновите за престанок на мандат на уставен судија го уредува Уставот во членот 111 став 4.

Јaс не знам, ја немам видено релевантно содржината на таа иницијатива, не знам дали и како Собранието би постапило и од таа причина би се воздржал од коментар за ова.

Она што е важно, доколку е релевантно тоа што го видов во некои од медиумите, не може да се прави поистоветување на членство во Судски совет и членство во Уставен суд, но сепак во отсуство на официјални информации морам да се воздржам од коментар бидејќи знаете дека секој искажан збор обврзува и во овој момент нема да давам повеќе коментари”, одговори Костадиновски.

Во врска со одлуката за поведување на постапка за Законот за облигациони односи, Костадиновски образложи:

„Гледам дека во јавноста се создава конфузија околу тоа една одлука сме донеле во јануари, а за шест месеци друга. На пирамидата од владеењето на правото Уставниот суд е на самиот врв, тој е оној кој треба да рефлектира правна сигурност. И неспорно е дека уставно-судската пракса е многу важна од тој аспект, бидејќи гарантира правна сигурност. Но, за граѓаните да направам една дистинкција. Голема е разликата во редовното и во уставното судство. Тука res judicata има поинакво значење. Нашиот акт, а и не само кај нас туку секаде во светот предвидува дека доколку некое прашање повторно се појави за расправа пред Судот, доколку постојат основи за поинакво одлучување, на пример имаме нов судија кој не учествувал во претходната расправа или имаме судија кој го преиспитал својот став, согласно своето судиско уверување и тоа може да значи нешто. Или доколку од донесувањето на одлуката да не поведеме постапка се појават уставни потешкотии не е спорно доколку Судот ја промени одлуката. Редовните судови судат спорови помеѓу одредени субјекти, Уставниот суд има сосема друга функција. Уставниот суд го чува Уставот, чувајќи го Уставот го штити системот во којшто треба да владее правото.

Претпоставувам дека има незадоволни, секоја наша одлука има две страни, некој ќе биде задоволен некој нема да биде задоволен, но пресудената работа треба да се почитува, има случаи кога не се согласувам со претходни одлуки на претходни состави и логично е да гласам спротивно. И тоа е нормална работа во уставното судство”, истакна претседателот на Уставниот суд.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More