Откако се смени власта и ВМРО-ДПМНЕ сепресели на „Илинденска“, главна мета за секојдневни прес-конференции беше поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Секојдневно од Белата палата фрчеа соопштенија и прес-конференции за потрошени службени трошоци и тоа за ситни суми, за трошоци во луксузни хотели и ресторани во странство. Неколку месеци медиумите беа преполнети со тоа што оставила позади себе Костадиновска во министерството за култура.
На нејзино место, на министерската фотеља од редовите на ВМРО-ДПМНЕ седна актерот Зоран Љутков.
По неколку месеци, денеска на адреса на поранешната министерка стигна и кривична пријава за злоупотреба за службената положба и овластување, поврзана со Универзална сала.
„Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција во координација со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги, Единица за финансиски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 став 4 во врска со став 1 од КЗ против Б.К.С. од Битола, како поранешен министер во Министерството за култура“, се наведува во соопштението.
После поднесената пријава, „Фокус“ ја контактираше Костадиновска, за да ни каже свој став за денешните случувања. Таа истакна дека се ова што го прават од ВМРО-ДПМНЕ е тенденциозно.
„Слободно можат од Обвинителство да ги земат сите документи и се да проверат. Знам дека ова е тенденциозно против мене и немам никаков проблем, ќе се видиме на суд. Уште од самиот почеток тие се фокусираа на мене и измислоуваа секакви сметки и трошоци, но кога на министерот за култура му ги побарав преку информации од јаве карактер не ми ги даде. Зошто?
Затоа што се тоа што го објавија не е точно. Битно беше да ми закачат кривична. На жена е најлесно да удрат. Зошто не поднесат кривична пријава на некој маж“, истакна Костадиновска во изјава за „Фокус“.