Стриминг услугата отсега го дели името со апликацијата на Apple за гледање видеосодржини и со самостојниот уред за стриминг, а разликата меѓу нив е само во изгледот на логото.
Стриминг услугата Apple TV+ доби нов дизајн и име, што покажува дека ни оваа компанија не е имуна на збунувачката номенклатура во своите бројни услуги и производи. Имено, Apple TV+ сега го носи поедноставеното име Apple TV и добива „живописен“ нов визуелен идентитет. Она што е малку збунувачко е фактот дека нивната стриминг услуга сега се вика исто како и апликацијата за гледање видеосодржини и самостојниот стриминг уред – па некои веќе се шегуваат дека „со нетрпение чекаат да гледаат Apple TV преку Apple TV на Apple TV“.

Причината за ребрендирањето не е објавена, ниту пак Apple ја појасни одлуката за новото име. Објавено е само новото лого, кое се состои од препознатливото јаболко и натписот TV, во нешто пошарена варијанта. Иако тоа е делумно различно од логото на уредот и апликацијата, за просечниот корисник веројатно сè ќе изгледа „исто“.
Новото име и визуелниот идентитет почнуваат постепено да се појавуваат во iOS 26.1 во бета изданието.

Сепак, ние не треба премногу да се грижиме околу оваа промена, бидејќи и по цели шест години од лансирањето, услугата на Apple за стриминг на филмови и серии сè уште не е официјално достапна во Македонија.







