Конечно, по пет години, е направена проценка на луксузната гардероба на Бојан Јовановски-Боки 13, која што му беше одземена поради случајот „Рекет“. Од Агенцијата за управување со одземен имот добивме одговор дека проценката е направена на сума од 595.640 евра.
-За одземените предмети во случајот Рекет од осуденото лице Боја Јовановски е изготвена процена и таа е во износ од 36.640.187,00 денари, ни одговорија од Агенцијата.
Бидејќи низ годините се појавија шпекулации дека наводно веќе фалат брендирани парчиња, бидејќи облеката беше конфискувана уште летото во 2019 година, од Агенцијата тврдат дека одземените предмети се сместени и се наоѓаат во депо Тетово со непроменет број на парчиња, односно во целост.
Проценката доцнеше бидејќи Бирото за судски вештачења не располагаше со проценител за ваква гардероба. Сега, откако е завршен овој чекор, наскоро се очекува да се отворат 71 вреќа со гардероба, чевли, часовници, чанти и накит, вкупно 1.208 парчиња на број, од познати модни брендови, како Луј Витон, Версаче, Долче и Габана, Гучи, Валентино, Диор… и да се понудат за продажба.
Меѓу запленетата облека беше и упадливата сребрена наметка од Луј Витон, вредна 8.000 евра, која Боки 13 ја носеше на доделувањето на наградите „Стори“.
Обвинителството тврдеше дека Јовановски сите модни парчиња ги купил во периодот од 2018 и 2019 година, трошејќи од 1,5 милион евра, кој наводно ги изнудил од бизнисменот Орце Камчев. Боки 13, пак, тврдеше дека заплената е незаконска, бидејќи најголемиот дел од гардеробата, дури 95 отсто, наводно ја купил неколку години пред тоа, уште од 2013 година. За да го убеди судот, тој презентираше 1.650 фотографии од неговите аутфити низ годините, појаснувајќи за секое парче кога е купено.
Листата со одземена гардероба е предолга. По боја и марка се наведени 60-тина ремени: ремен во сива боја „версаче“, ремен кафена боја „фенди“, ремен со зелена боја „салваторе ферагамо“…
Потоа, на листата се редат над 80 пара панталони, стотина кошули, 70-десетина капути, десетина јакни, над 60 пара тренерки, 50 пара сакоа, десетина пара фармерки, десетина пара сакоа со панталони, стотина чифта чевли, над 60 пара патики, како и приближно толку пара чизми.
Но, тоа не е сѐ. На љубителот на брендирана гардероба му беа одземени и триесетина капи и шапки, ист број папучи, над 70 чанти, сите со потпис од некој познат моден дизајнер, над стотина пара очила, стотина пара маици…
При претресот, Боки 13 остана и без својот накит. Му беа запленети десетина брендирани ланци, алки, прстени, часовници, брошеви и приврзоци од марките Версаче, Долче и Габана, Валентино, Гучи, Ролекс…
Тој остана и без својата златна круна со потписот на Долче и Габана.
Освен луксузната облека, во некој од магацините на Агенцијата за управување со одземен имот заврши и голем дел од брендираниот мебел од семејниот дом на Јовановски.
Па така, уште никој не добил можност да лицитира за неговите девет перници „зебрано“, или нечија дневна соба да ги краси троседот и четирите фотелји од истата марка. Или некој да пие кафе на неговите фенси масички или да јаде на неговата трпезариска маса и столови.
Јовановски остана и без неговите теписи од марката „Agora Hali Milano“, лустерите со кристали и столни ламби, па дури и без украсите, односно фигури во облик на мајмун и на куче.
Засега енигма е и кај ќе завршат неговите телевизори со димензии од 220 см и 140 см, кои биле запленети заедно со далечинските управувачи, или кој се огледува во огледалото марка „ролекс“?
Боки 13 остана покус и за десетина вредни уметнички слики, како и без 12.000 евра кеш.
ДРЖАВАТА СЕ УШТЕ НЕ ЈА ПРОДАЛА НИТУ ГАРНИТУРАТА НА ЈАНЕВА
Со пресудата за „Рекет“ беше конфискуван и имотот на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.
„Од обвинетата Јанева се конфискуваше непосредна и посредна имотна корист прибавена со кривично дело, во износ од 50.000 евра“, пишува во пресудата.
Поради тоа, Агенцијата ги блокираше и банкарските сметки на име на Јанева, но бидејќи на нив немало пари, и беше одземен недвижен имот.
Синот на Јанева, Лазар Јанев, реагираше дека имотот што им бил одземен, не бил определен со пресудата и станувало збор за наследен имот.
– Агенцијата од октомври 2021 година одзеде дел од нашиот имот. Станува збор за наследен имот, неповрзан со кривичното дело, односно земјиште под куќа и ниви, појаснува Јанев.
Освен побарувањата од 50.000 евра, при претресот во домот на тогашната обвинителка Јанева беше запленета и една кожена чанта „луј витон“, со златни иницијали К.Ј., како и кожена аголна гарнитура, три кожени перници, две фотелји и една клуб маса.
Обвинителството тврдеше дека мебелот вредел 5.000 евра, а наводно Јовановски ѝ го подарил на Јанева. Таа, пак, објаснуваше дека мебелот Јовановски го зел со компензација, но потоа таа му ги дала парите.
Како и да било, засега и овој мебел сѐ уште не е продаден, односно нема нов сопственик.
-Гарнитурата на екс специјалната јавна обвинителка Катица Јанева не е продадена и истата се наоѓа во депо Тетово на Агенцијата за управување со одземен имот, одговорија од Агенцијата за „Фокус“.