Home » Конференцијата продолжува, некако

Конференцијата продолжува, некако

by Журнал.мк

Кучан, изразува поддршка „на ставот на Бадентер дека Југославија се распаѓа врз основа на волјата на нејзините народи…“. Се согласува дека е потребна работна група за сукцесија. Вели: ,,Ако тоа се реши, сегашната борба ќе се трансформира во борба за економска соработка во Југославија и пошироко во југоисточна Европа. Потребен е мир и реконструкција и кога ќе бидеме суверени држави, таква соработка ќе следи“, заклучува Кучан.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

На дебаклот на мировниот план на ЕЗ, кој беше одбиен од претседателот на Србија, Милошевиќ, се надоврза соборување на хеликоптер на ЕЗ, на 15 декември 1991 година, во кој гинат четири италијански и еден француски набљудувач.

Следниот состанок на Конференцијата почнува со минута молчење за загинатите во соборениот хеликоптер. Во таква атмосфера, Карингтон го отвора состанокот со претседателите на републиките и вели:

„Имаме нова ситуација со можност ОН да испрати сили за одржување на мирот. Второ, со барање на министрите за надворешни работи на ЕЗ за признавање на републиките што ги исполнуваат условите. Датата е 15 јануари 1992 година.

Арбитражата на Бадентер ќе ги советува министрите по тоа прашање. Ова е, секако, една нова ситуација. Не се сретнавме на пленарна седница речиси два месеца, но со амбасадорот Вејнандс ги посетивме сите републики, некои и по двапати. Сега е време да извршиме рекапитулација…“.

ПРЕКИН НА ОГНОТ

Еве што сум запишал во моите белешки. Туѓман бара „да запре војната и да се воспостави мир“ и „да се формира одбор, комисија, за правно и економско раздружување“.

Вели: „Тргнуваме од фактот дека Хрватска е веќе признаена и бараме да почне процесот на сукцесија“.

Глигоров ја поздравува акцијата на поранешниот министер за надворешни работи на Америка, Сајрус Венс, за повторно свикување на конференцијата. Го поздравува и можното доаѓање на трупи на ОН. Му оддава признание на лордот Карингтон за брзината со која повторно ја свика конференцијата. Изразува жалење за соборувањето на хеликоптерот на набљудувачката мисија на ОН.

Изетбеговиќ ја поддржува „иницијативата за соработка меѓу идните држави“. Зборува за „граници на Босна и Херцеговина отворени кон Србија и кон Хрватска, кои би се минувале без пасоши…“.

Вели дека „БиХ е мултинационална држава, па тешко се снаоѓа во ера на национализам, а …постои опасност да се растури и да исчезне“.

Обраќајќи им се на присутните, вели: ,,Тукушто добив информација дека е во тек нелегален состанок на српското собрание, кое би прогласило српска република. Следи, се разбира, хрватска… муслиманска…“.

Заклучува со молба:

„Ве молам да ја поддржите Босна и Херцеговина, вербално или како било, за да станеме зона на стабилност…“.

Булатовиќ смета дека треба да има „прекин на огнот“, го поддржува ангажманот на ОН и го поздравува продолжувањето на конференцијата за Југославија. Укажува дека „на документот на лорд Карингтон, ние дадовме начелна согласност, со резерви“.

Во врска со положбата на Србите во Хрватска и во БиХ, смета дека „меѓународното признавање на републиките треба да дојде на крајот од процесот“. Да се „остане во асоцијација како услов за независност“… вели, како задоцнето ехо на минати дискусии.

МИР И СОРАБОТКА

Милошевиќ зема збор и вели:

„Длабоко сме потресени од трагедијата на хеликоптерот. Конференцијата се одржува во време кога се прават вистински чекори кон траен мир“.

Му упатува комплименти на господинот Сајрус Венс и изразува „задоволство од продолжувањето на конференцијата“.

Вели: „Секогаш сме верувале дека само во дијалог е можно решение…“.

Изразува мислење дека „оваа конференција, сепак, мора да почне од почеток, со еднаков пристап за сите и за нивните политички опции…“.

Изразува „разочарување од ЕЗ, која ги прејудицирала работите со признавањето…“, вели „…постоењето на Југославија како држава не може да биде во надлежност на други…“.

Се повикува на Брионската декларација дека е „во рацете на југословенските народи да ги решат своите проблеми…“. Се повикува на „Римската декларација, независноста да се одложи до крајот на конференцијата, во рамките на едно генерално решение…“.

Вели, „Конференцијата нема да напредува ако сите опции и интереси не се почитуваат“.
Заклучува дека „без непристрасна и принципиелна улога на ОН и на г. Сајрус Венс, не можеше да се свика продолжението на конференцијата“.

Кучан вели дека „…не се согласува со ставот дека ангажманот на ЕЗ бил лош…“.

Изразува „жалење за трагичниот настан што е предизвикан од ЈНА“ и упатува „сочувство во име на Словенија“. Вели дека „овој акт е директен напад на мирот…“.

Ваквите настани, смета, можеа да се предвидат, особено што „нема ембарго за оружје за ЈНА“, а „Аџиќ го замени Кадијевиќ…“.

Бара „конференцијата да го ограничи правото на располагање со девизните средства и да се спречи ЈНА да се финансира од тие средства…“.

Вели, „признавањето на републиките е првиот чекор кон постигнување мир… и секоја од нив треба да ја земе одговорноста пред меѓународната јавност…“.

Залагајќи се натаму сите да останат „во мировниот процес“, Кучан вели дека се заинтересирани конференцијата да успее. Истакнува дека „и по 15 јануари ќе присуствуваме на конференцијата…“, дека „Република Словенија бара полно меѓународно признавање…“.

Изразува поддршка „на ставот на Бадентер дека Југославија се распаѓа врз основа на волјата на нејзините народи…“. Се согласува дека е потребна работна група за сукцесија.

Вели: „Ако тоа се реши, сегашната борба ќе се трансформира во борба за економска соработка во Југославија и пошироко во југоисточна Европа. Потребен е мир и реконструкција и кога ќе бидеме суверени држави, таква соработка ќе следи“, заклучува Кучан.

НЕМА ЕНТУЗИЈАЗАМ, НЕМА НЕСОГЛАСУВАЊЕ

Лорд Карингтон зборува:

„Гледам дека сите се за продолжување на конференцијата… Но, да ја погледнеме реалноста в очи. Реалноста е дека на 15 јануари, дванаесеттемина рекоа дека ќе ги признаат оние републики што го сакаат тоа.

Тоа ќе го сторат без оглед на ставовите на Милошевиќ и на Булатовиќ. Тоа е тоа што го имаме и да се соочиме со фактот. Министрите на ЕЗ ги наведоа условите и нема да ги менуваат критериумите.

Затоа, јас се прашувам како оперативно да продолжиме. Ако на 15 јануари се измени статусот на определени републики тие да станат независни држави, а не дел од Југославија, треба да одлучиме:

1. дали сме задоволни со положбата на малцинствата во тие држави,

2. која е позицијата на секоја република по прашањето за економската соработка, меѓусебна и со центарот,

3. каков институционален аранжман сакаат (сакаат, не сакаат, делумно сакаат). Значи, во групите ќе има работа.

Постои и четврти проблем – последиците од дисолуцијата и што станува со наследството. Предлагам да се свикаат трите работни групи и да ни рапортираат…“.

Зборувајќи за идниот ангажман на светската организација, Карингтон вели:

„Ако ОН доведе 10,000 луѓе, нема да ги остави таму како ангажман на кој не му се гледа крајот… Таков проблем има со Кипар и не би сакал нашиот проблем да трае толку долго”.

Вели дека „сите ние ќе бидеме под притисок на ОН да продолжиме со конференцијата и да расчистиме со заостанатите работи…“.

Заклучувајќи дека „сите проблеми се решливи“, Карингтон укажува дека по 15 јануари можеби ќе треба да формираме една група за сукцесија.

Предлага „да не се состануваме пред да знаеме во кој статус ќе седнеме околу масата… Јас би информирал утре во ЕЗ дека сите сакате конференцијата да продолжи… Најважното во оваа конференција е да се одржува постојан контакт меѓу вас. Затоа, користете ги средбите во Брисел…“.

Потоа, карактеристично за него, се наведнува кон микрофонот, прашува:

„Дали е некој против?“ и со видлива доза на иронија констатира:

„Нема ентузијазам, нема несогласување!“.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More