Босанската музичка ѕвезда Хари Мата Хари, по околу 35 години пауза синоќа повторно дојде во Неготино и одржа голем концерт на градскиот плоштад. Тој беше дел од општинската манифестација Неготинска музичка вечер, на која настапи имаа и изведувачите од проектот ,,Македонијо, во срце те носиме”, како и Бока Конга и Боби Сакс.
Настанот привлече голем број на посетители, а истовремено беше обоен со нотите на солидарноста. Имено, на плоштадот беше поставен штанд со кутии за донации на семејство од Неготино чија куќа пред неколку дена беше зафатена од голем пожар.
Со цел да им се помогне на сограѓаните во обновата на домот, од навивачката група Винари освен штандот со поставени кутии, имаа ангажирано и членови кои собираа донации со кутии низ плоштадот, како и во околните кафулиња.
-Тука сме секогаш да им пружиме рака на нашите сограѓани кои се нашле во немила ситуација. Кој колку може донира, Неготино е солидарен град. Кој би сакал да му изгори куќата, посебно сега, во пресрет на ладните месеци? Го користиме настанот со музичарите како можност да се соберат повеќе донации, бидејќи има голема посетеност, ни раскажа член на Винари кој со кутијата ги обиколуваше кафулињата во центарот.
Порача дека сите кои се во можност, можат да донираат и на сметка: 250030000162633 Хрисула Манова, со назнака Донација.
Инаку, Неготинската музичка вечер помина во добро расположение, а Хари Мата Хари, како ретко кој музички гостин се појави на сцената точно до минута, без доцнење во 22 часот, како што беше најавен. Покажа дека и во 63-та година е во одлична форма и се уште го држи гласот како во младите години, кога во три наврати одржуваше големи концерти во Неготино, во Спортската сала Младост.
Ги отпеа своите најголеми балади, ја запеа ,,Македонско девојче”, додека во позадина на видео бим се вееше македонското знаме, како и неколку хитови од негови колеги од екс Ју сцената. Настанот е еден вид на најава на традиционалниот Неготински панаѓур, кој ќе се одржи наредниот викенд.