Сопственикот на Фиорентина, Роко Комисо, редовно заработува добро од трансферите на своите фудбалери во Јувентус, па истовремено често знае да упати „отровни стрели“ кон лутиот ривал од Торино.
Желбата на фудбалерите и финансиските понуди не и даваат голем избор на екипата од Фиренца кога ќе добие понуди од Торино, но навивачите не се пресреќни бидејќи Фиорентина ги испраќа најдобрите фудбалери во клубот кон кого чувствуваат посебен анимозитет.
Комисо како и претходно, релаксирано зборува за трансферите и вели дека не можел да го задржи Нико Гонзалес бидејќи тој веќе решил да замине, а за Душан Влаховиќ смета дека ништо не докажал откако се преселил во Јувентус.
– Летово ја посетив аргентинската репрезентација во хотелот каде беа сместени. Мартинез Кварта веднаш се симна за да ме поздрави, додека Нико остана во својата соба. Веројатно бил многу уморен. Имав поинакви планови со Нико, не сакав да го продаваме, па дури и му го продолживме договорот, – рекол Комисо во последното интервју.
– Според мене, Влаховиќ не покажал нешто посебно откако е во Јувентус. Во неговиот случај добивме ултиматум од агентот и немавме избор бидејќи му истекуваше договорот, се обидов да зборувам со него, но тој инсистираше да замине. Кога пристигна во Торино, изјавуваше дека има ДНК на Јувентус и тоа е тешко да се прифати од страна на фановите, – рекол Комисо.