Home » Комисијата на Судски совет ги испитува одлуките за домашен притвор на Рамадани и спогодбите на Георгиев и Мемети

Комисијата на Судски совет ги испитува одлуките за домашен притвор на Рамадани и спогодбите на Георгиев и Мемети

by Журнал.мк

Комисијата што ја формира Судскиот совет за проверка на работата на судијата Пајазит Пајазити од Основниот кривичен суд, за одлуките поврзани со случаите со Блерим Рамадани и Иџет Мемети, веднаш се зафатила со работа и од ова тело за тв 24 информираат дека во овој случај ќе се постапело многу брзо и јавноста ќе била многу скоро информирана за нивните наоди за постапувањето на Пајазити.

„Комисијата веднаш почна со работа и се преземаат дејствија во насока на констатирање на фактичката состојба, по што веднаш ќе биде изготвен извештај до Советот, по кој е должен да расправа и одлучува“ – информираат извори од Судски Совет за Тв 24.

Одлуките на Пајазити станаа поле за меѓусебни партиски обвинувања на власта и опозицијата кои се сепак во едно единствени а тоа е барањето за разрешување на Пајазити од судската функција.

ВМРО-ДПМНЕ неколку дена бара разрешување на судијата Пајазити со оценка дека тој свесно допуштил да избега Блерим Рамадани исто како и во случајот со Мемети со едногодишната условна казна.

„Пајазити свесно остави простор Блерим Рамадани да избега. Наместо ефективен затворски притвор, тој му допушти куќен притвор, иако знае за каков профил на човек станува збор и дека може лесно да се впушти во бегство. Пајазити наместо да пресуди казна затвор, тој пресуди условна казна за Мемети.Од авион се гледа дека одлуките на Пајазити се мотивирани, а не според закон. Пајазити не смее да биде судија, тој ја извалка судската позиција и мора да биде разрешен. Институциите да постапат за негово разрешување, а веднаш потоа да отворат и соодветни постапки.“

Од СДСМ велат дека Пајазити е избран за судија во времето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, тие посочуваат дека со денови ВМРО се обидуваат да ја пренасочат одговорноста кон судството, без ништо да кажат за одговорноста на МВР и Тошковски кои биле задолжени да го обезбедат во домашен притвор.

„ВМРО-ДПМНЕ, наместо да се обидува да се вади од одговорност во целиот случај, во најкус рок мора да го разреши Тошковски од функцијата Министер за внатрешни работи затоа што одговорноста за бегството е негова. Во најкус бараме МВР да излезе со извештај за тоа кој дозволил Рамадани да избега за така краток рок без да биде соодветено обезбеден. Повеќе од јасно е дека МВР игра клучна улога во неговото ноншалантно бегство и тоа многу брзо ќе се дознае.“

Судијата Пајазити го привлече јавното внимание поради двете контроверзни одлуки донесени во една недела. Имено на Блерим Рамадани, поранешниот борец на ОВК, Пајазити, екстрадициониот притвор со одлука му го замени со домашен, по што Рамадани избега на Косово. Во врска со случајот на екс јавниот правобранител и министер за правда Иџет Мемети при помагање за земање мито на екс врховниот судија Наќе Георгиев, Пајазити при спогодбата со јавното обвинителство, одлучи да му додели казна под законскиот минимум за вакви дела кои предвидуваат затвор од една до пет години а Мемети доби само една година условно.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More