Еврокомесарите денес ги повикаа земјите членки „итно“ да ја достават бараната медицинска помош во Либан бидејќи поради ситуацијата во земјата потребна е „најголема итност“, јавува Анадолу.
„Заедно со Јанез Ленарчиќ (комесар на ЕУ за хуманитарна помош и управување со кризи) повикуваме на итна и брза поддршка на либанските власти кои побараа медицинска помош од Европската Унија“, напиша еврокомесарката за здравство и безбедност на храна, Стела Киријакидес, на социјалната мрежа Х.
„Либан има итна потреба од медицинска опрема која е од витално значење и ние сметаме на ‘Тимот Европа’ да ја испорача“, додаде Киријакидес.
Во писмото упатено до министрите за здравство и за цивилна заштита комесарите истакнаа дека здравствениот систем во Либан „не може да се справи“ со зголемениот број жртви бидејќи многу пациенти имаат итна потреба од специјализиран медицински третман што не е достапен поради уништувањето на здравствениот систем.
„Клучно е да дејствуваме брзо и координирано“, рекоа тие, додавајќи: „Ги повикуваме сите министри за здравство и министри одговорни за цивилна заштита на земјите членки на ЕУ и земјите учеснички во Механизмот за цивилна заштита на Унијата итно да понудат дополнителна медицинска помош за Либан.“