Комитетот за правни прашања на Европскиот парламент, познат како ЈУРИ, ги разгледува декларациите за интерес на сите највисоки претставници на ЕУ за да дознае дали 26-те потенцијални комесари се способни или не да ја вршат својата работа во целосна независност (претседателката Фон дер Лајен не е вклучена во процесот на проверка).
Според анализата на порталот ПОЛИТИКО.ЕУ, кој ги најде нивните анкетни листови иако ниту еден од 26-те комесари не одговори на барањето да ги сподели, нема индикации дека некој направил нешто незаконско, но има некои детали што се истакнаа, меѓу кои и големото портфолио на имот на грчкиот кандидат и сопствените консултантски фирми на комесарите од Словенија и Португалија.
На хартија, декларациите треба да вклучуваат, на пример, информации од изминатата деценија поврзани со претходните работодавци, детали за акциите во компаниите и другите средства, како и вклученоста во тинк-тенкови, политички партии или невладини организации. Декларациите важат и за партнерите и децата (но не и за другите членови на семејството). Правилата се прилично флексибилни бидејќи комесари може да изберат да не пополнуваат одредени одговори ако сметаат дека нема конфликт на интереси.
Дали европратениците ќе го надминат напишаното и ќе направат дополнително истражување, зависи од секој поединечен законодавец. Иако можат да бараат јавно достапни информации, да ги прашаат кандидатите за повеќе детали или дури и да ги повикаат на испрашување, членовите на ЈУРИ немаат моќ целосно да истражат.
Она што може да претставува конфликт на интереси е засегнато и од парламентарната политика: некои политички групи одлучуваат да не поставуваат прашања за комесар од опозициска група во замена за гласови за комесарот на нивната група. Преговорите не се водат јавно и изјавите се чуваат во тајност во текот на целиот процес.
„Ова е процес со длабоки недостатоци, лишен од транспарентност, каде правилата спречуваат значајно испитување на овие декларации“, рече Николас Ајоса, директор на Транспаренси Интернешнл ЕУ.
Грчкиот кандидат за комесар за одржлив транспорт и туризам Апостолос Цицикостас го има најимпресивниот список на имоти, со четири страници од неговата декларација на која е наведена неговата делумна или целосна сопственост на 16 станови, 655.463 м2 земја, шест продавници, а исто така и неколку гаражи и складишта низ цела Грција. Семејството на Цицикостас е еден од најголемите земјопоседници во земјата, со сопственост на земјиштето што датира со векови, според грчки функционер. Семејството на Цицикостас е едно од најбогатите во северна Грција. Портфолиото на Цицикостас ќе ја вклучи туристичката индустрија, поставувајќи прашања за одлуките што тој би можел да ги преземе, а кои би можеле да влијаат на вредноста на неговите имоти.
Бугарката Екатерина Захариева, номинираната за комесарка за стартапи, истражување и иновации, исто така, очигледно стекнала богатство од недвижен имот. Во 2008, таа купила парцела од 6.850 м2, вклучувајќи викендичка на грчкиот полуостров Халкидики, како и стан во главниот град Софија. Помеѓу 2016 и 2018, Захариева купила уште две куќи и парцели во Бугарија.
Словенката Марта Кос, комесарка за проширување на ЕУ, пријавила околу 1 милион евра на штедни сметки, а има и своја консултантска фирма регистрирана во Швајцарија чиј клиент е и УЕФА. Кос, која би можела да го надгледува процесот на проширување, не навела доброволно дека нејзиниот сопруг е швајцарскиот „г. Европа“ Анри Гетаз, поранешен генерален секретар на Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА).
Естонската Каја Калас, кандидатка за потпретседателка на ЕК и висока претставничка за надворешна и безбедносна политика, само изјавува дека има банкарски сметки и заштеди. Делот кој се однесува на финансиските интереси на сопружниците или партнерите остана празен, и покрај контроверзноста во 2023 година околу сопственоста на нејзиниот сопруг на акции во бизнис со врски со Русија. Сепак, таа подоцна ги наведува неговите позиции во четири правни субјекти.
Комесарите кои не се истакнуваат со лично богатство имаат тесни врски со приватниот сектор, како и со свои или други невладини организиции.