Француската невладина организација Agir pour l’Environnement објави резултати од истражување за нивото на микропластика и нанопластика во популарни пластични шишиња со газирани пијалаци, конкретно во Кока-Кола Оригинал (шишиња од 1 литар) и Швепс Индијан Тоник (шишиња од 1,5 литри).
За да симулираат вообичаено однесување на потрошувачите, истражувачите испитувале како се однесува газираниот пијалак кога просечна личност го пие подолг временски период, отворајќи и затворајќи го истото шише еднаш, десет и дваесет пати, наведува магазинот Food & Wine.
Истражувачите откриле дека уште по првото отворање на шишето во пијалакот има мерливи количини микропластика: Кока-Кола содржела 4 честички, а Швепс 4,6. Сепак, бројот на честички растел со секое следно отворање – по 20 отворања, Кока-Кола содржела 46, а Швепс дури 62 честички микропластика.
Во двата случаи идентификувани се шест различни видови пластика:
полиетилен (PE)
полиетилен-терефталат (PET)
поливинил-хлорид (PVC)
полиамид (PA)
полипропилен (PP)
полиуретан (PU)
Производителите главно признаваат само PET и PE како пластики кои доаѓаат во контакт со пијалакот, за да го идентификуваат рециклираниот материјал. Резултатите покажуваат дека едноставното отворање и затворање на пластичното шише може да внесе микропластика во пијалакот. Се смета дека тоа се случува затоа што пластичното капаче се троши при секое вртење, пуштајќи честички во содржината на шишето.
Иако микропластиката е загрижувачка, истражувачите особено ги вознемири присуството на нанопластика, бидејќи е доволно ситна да пробие биолошки бариери и да стигне до органи и клетки.
Разликата во големината помеѓу микро- и нанопластика е огромна. Според американската Агенција за храна и лекови (FDA): Микропластика се парчиња пластика помали од 5 мм, а нанопластика е уште помала – помалку од еден микрон. За споредба, човечкото влакно е широко околу 70 микрони, што значи дека нанопластиката може да биде и 70 пати помала од влакно.
По откривањето на нанопластиката, Магали Лероа, раководител на секторот за анализи во организацијата Agir pour l’Environnement, изјави дека: „Властите мора да им гарантираат на потрошувачите амбалажа која не реагира со содржината и не ослободува молекули чие влијание врз здравјето сè уште не е разјаснето.“
Ако сте загрижени за внесот на микропластика, наједноставното решение е следниот пат кога ќе посакате газиран пијалак, да го сипете во чаша. Така можете да уживате колку сакате – или барем додека не се стопи мразот.