Home » Кои фирми наплатиле 35 милиони евра од изградбата на непостоечката пруга кон Бугарија?!

Кои фирми наплатиле 35 милиони евра од изградбата на непостоечката пруга кон Бугарија?!

by Журнал.мк

Дека нешто се работело на изградбата на пругата кон Бугарија, како дел од проектот за поврзување преку коридорот 8, покажуваат финансиските активности на изведувачите чии фирми во 2022 беа ад-хок формирани за работата на овој проект, пренесе Фактор. Подружница на австриски „Штрабаг“ и подружницата на турски „Гулермак“, регистрирани за изградба на железницата, наплатиле приходи од вкупно 35 милиони евра за оваа активност во текот на минатата година. Двете фирми се изведувачи кои во 2022 беа избрани и го потпишаа договорот со јавното претпријатие за железничка инфраструктура, додека финансирањето оди главно преку Европската банка за обнова и развој.

Наменски отворената подружница на „Штрабаг“ во својата прва година на целосно работење, според податоците на „Централен регистар“, остварила приходи од 20 милиони евра во 2023. Тие се за 442 отсто поголеми во однос на една година претходно. Загубата од минус 33.264 денари е минимална во првата целосна година на работење, а бројот на пријавени работници е непознат.

„Гулермак“ има пријавени приходи од 14,8 милиони евра, кои се зголемени за 1.998 отсто. Пријавена е загуба за 2023 од 640.000 евра. Евидентирани биле 161 работник, но и задолжување од 8 милиони евра.

Од работата на делницата Куманово – Бељаковце, според објавениот бизнис-план на МЖ Инфраструктура, до крајот на 2023 биле завршени 70 отсто од рехабилитацијата и изградбата. Досега за двете фази од оваа делница биле потрошени 52,5 милиони евра со помош на кредитирањето од ЕБОР.

За втората делница Бељаковце – Крива Паланка, од 2022 кога се потпишани договорите со двата изведувачи, потрошени се 21 милиони евра, од кои дел се кредит, а дел грант од ЕБОР., според она што го пишува во бизнис-планот на јавното претпријатие.

За последната делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, која е најскапа според бизнис планот, обезбедени се 385 милиони евра од неколку кредитори, но во 2023 немало градежни активности во оваа фаза и договорите со изведувачите треба допрва да се потпишат. На крајот на 2023 беше објавен тендерот за избор на изведувач на третата делница, а во тек беше процесот за избор на надзорен инженер и на консултант за техничка помош на инвеститорот (ЖРСМ Инфраструктура).

Железницата и натаму останува главен двигател на економијата, па затоа фокусот за иднина се инвестициите во модерна железничка мрежа. Инвестираме во нејзината модернизација, а градбата на Коридорот 8 претставува вистински архитектонски предизвик. До 2030 година ќе биде готова и пругата кон Бугарија, финансиите во висина од 780 милиони евра се целосно заокружени, гласи последната изјава во април на Зоран Трифуновски, директорот на МЖ Инфраструктура.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More