Повторно концерт во Македонија на светски популарната група “Barcelona Gipsy Balkan Orchestra“
Со Меѓународната прослава на Денот на ромскиот јазик, веста дека шпанската (ромско-интернационална) група “Barcelona Gipsy Balkan Orchestra“ повторно доаѓа во Скопје е примена со голема радост. Концертот е закажан навреме, на 28 февруари 2025 во „Македонската филхармонија“.
Последниот и исполнет до последно место беше во 2022 година. “Barcelona Gipsy Balkan Orchestrа“ е меѓународна музичка формација од која произлегуваат најдобрите аранжмани, каде што секој инструмент има свое место и простор. Текстурите и тембрите се фино измешани во служба на секоја песна, од евоцирање емоции, до френетичен транс-ритам.
Оригинални се во секој поглед, па дури и во името бидејќи ја исполнуваат музиката на Ромите, пред сè од Балканот, а со тоа и од Македонија.
Сепак, тука не застануваат. Тие уште повеќе го збогатија својот шаренолик репертоар и со македонски народни песни, традиционалните „Море сокол пие вода на Вардарот“ и „Македонско девојче“. Мора да се истакне дека ја пеат и ведрата и танцувачка румба „Kaleja Jaca“, на кралицата на ромските песни Есма Реџепова-Теодосиевска.
Мошне интересно и приемчливо за ушите звучи слушањето на пејачката на бендот Маргерита Абита, која кога ќе ги запее тие песни на македонски се со малку „обоена“ шпанска мелодика. Згодната Маргерита на членовите на “Barcelona Gipsy BalKan Orchestra“ им се придружи во ноември 2019 година, донесувајќи свежа енергија во интерпретацијата, со се некои нови музички ветрови во оркестарот. Зад себе има 7 студиски албуми, настапи во повеќе од 40 земји и лојална база е на фанови на BGKO-YouTube каналот.
Во Скопје на сцената под рефлекторите ќе биде придржувана од: Иван Ковачевиќ (контрабас, Србија), Алберт Енкаминанко (перкусии, Шпанија), Жулиен Шанал (гитара, Франција), Чави Пендон (кларинет, Шпанија), Олександр Сора (виолина, Украина) и Фернандо Салинас (хармоника, Шпанија).
Инаку, “Barcelona Gipsy Balkan Orchestra“ во годината пред нас полни 13 години музицирање на сцената, творештво и интерпретација на уникатен звук кој позитивно ги “заробува“ срцата и умовите на публиката ширум светот. А, публиката секогаш воодушевена од македонските песни. За бендот не постојат апсолутно никакви граници, бидејќи нивната музика е инспирација од различни музички традиции од Балканот, но и од светот.
И најпребирливите музички сладокусци овој концерт нема да го пропуштат, без разлика на цената на билетот која се движи од 1.000 до 1.500 денари. (фото:архива)