Home » Кочовска: Немаме капитални инвестиции затоа што во јануари и февруари беше студено

Кочовска: Немаме капитални инвестиции затоа што во јануари и февруари беше студено

by Журнал.мк

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека реализацијата на капиталните расходи се одвива според планираното, иако во првите три месеци се остварени нешто под 10 отсто. Од предвидени 47,2 милијарди денари во годинашниот буџет за капитални расходи, заклучно со 8 април се реализирани 4,49 милијарди денари.

Министерката вели дека слабата реализација во првите три месеци е очекувана поради временските услови.

„Во јануари и февруари времето беше студено, а како што знаете, најголем дел од капиталните расходи се поврзани со инфраструктура. Очекувам зголемена реализација во следните месеци“, изјави министерката Димитриеска-Кочоска вчера, одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето на Денот на Царинската управа.

Таа додаде дека Владата е фокусирана на инфраструктурни проекти и очекува поамбициозна реализација на капиталните инвестиции во периодот што следи.

Министерката рече и дека сега има новата методологија за евидентирање на капиталните расходи и таа ќе даде пореална слика за фактичката имплементација на проектите. Според неа, во минатото, во капиталните расходи се евидентирале и исплатените гаранции во име на јавни претпријатија и акционерски друштва, што создавало „вештачка слика“.

„Денес не ги евидентираме како капитални расходи, туку одат под линијата. Како резултат на тоа, кога би ги вратиле во евиденција над линија, имаме поголема реализација во однос на изминатиот период. Ова значи дека имаме реално поголема реализација во однос на претходната година од она што значи реална имплементација на капитален проект. Не зборуваме за аванси, плаќање гаранции за акционерски друштва… сè е тоа под линијата. Кога ќе ги споредите податоците, ќе видите дека имаме многу подобра реализација“, изјави министерката.

Таа кажа дека нема да дозволи вештачко прикажување на капиталните расходи само за да се покаже пред граѓаните дека нешто се работи, критикувајќи ја претходната власт дека во изминатите седум години „речиси и да не постоела реализација на каков било проект“.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk