Во Битола започна уредувањето на просторот зад зградата на СВР, каде досега постоеше неорганизирана и запуштена земјена површина. Со овој проект, локацијата добива ново уредено и функционално решение, со што значително ќе се подобрат условите во овој дел од градот.

Партерното уредување опфаќа поставување на бехатон плочки на површина од околу 800 метри квадратни. Покрај уредувањето на површината, проектот вклучува и решавање на атмосферската канализација, при што преку поставување на собирни одводни решетки ќе се овозможи ефикасно одведување на водата и спречување на задржување и оштетување на површината.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува околу 2,3 милиони денари, а изведувач на градежните работи е ЈП „Нискоградба“.

Од Општина Битола најавуваат дека ова е дел од поширок план за уредување на повеќе локации во градот, особено на простори каде претходно биле отстранети гаражи. Во наредниот период, ќе се работи на создавање нови паркинг решенија на неколку клучни локации, меѓу кои „Овчи Пазар“, „Ат Пазар“, просторот познат како „Хеликоптерот“, кај „Кифлата“, како и на местото на поранешниот „Финансов“ во близина на „Дрвен Пазар“.
Со ваквите активности, локалната самоуправа има за цел да го подобри урбаниот изглед на градот, но и да обезбеди подобри услови за паркирање и секојдневно функционирање на граѓаните.








