Доналд Трамп и Камала Харис се сретнаа за прв пат на претседателската дебатна сцена во Филаделфија. На почетокот се ракуваа, а потоа следеше 90 минутна жестока дебата.
Од првите моменти на нејзината прва дебата против Трамп, Харис лукаво ја искористи најголемата слабост на нејзиниот противник. Тоа не беа неговите политики на поделби, ниту неговата историја на запалливи изјави. Туку таа се насочи кон многу попримарен дел – неговото его.
Нејзините впечатливи аргументирања за големината на толпата на неговите митинзи, неговото однесување за време на немирите во Капитол и функционерите кои служеа во неговата администрација, кои оттогаш станаа отворени критичари на неговата кампања, постојано го оставаа Трамп на задното столче.
И навистина ќе направам нешто навистина необично и ќе ве поканам да присуствувате на еден од митинзите на Доналд Трамп бидејќи тоа е навистина интересна работа за гледање. Ќе видите во текот на неговите митинзи, тој зборува за измислени ликови како Ханибал Лектор. Ќе зборува за ветерниците кои предизвикуваат рак. А она што исто така ќе го забележите е дека луѓето почнуваат рано да ги напуштаат неговите митинзи поради исцрпеност и досада, изтакна демократскиот претседателски кандидат, Камала Харис.
Забелешките на Трамп за имиграцијата, вклучително и неговите неосновани тврдења за киднапирање миленичиња во Охајо од имигранти од земји меѓу кои и Хаити, ја одразуваат историјата на поранешниот претседател на означување ксенофобични и расистички коментари за луѓето кои легално побарале азил или добиле привремен заштитен статус во САД.
Многу градови не сакаат да зборуваат за тоа затоа што се засрамени од тоа. Во Спрингфилд, тие ги јадат кучињата, луѓето што влегоа, ги јадат мачките, ги јадат миленичињата на луѓето што живеат таму. И ова е она што се случува во нашата земја, рече републиканскиот кандидат за претседател, Доналд Трамп.
Дебатата се очекуваше да се фокусира на дефинирањето на Камала Харис. Наместо тоа, со зборови и со говор на телото, таа го претвори настанот во референдум за Доналд Трамп.
Во најголем дел од дебатата Харис имаше за цел да го стави својот републикански ривал во поширока одбрана на неговото минато, однесување и коментари.
Двајцата кандидати одговараа и на најжешкото прашање на надворешно политичката сцена, војната во Украина. Трамп во својот одговор одбегна да заземе страна велејќи дека сака само војната да престане.
Мислам дека е најдобар интерес на САД е да се заврши оваа војна и само да се заврши. Треба да се преговара за договор затоа што мораме да спречиме уништување на сите овие човечки животи, порача Трамп.
Верувам дека причината поради која Доналд Трамп вели дека оваа војна ќе заврши во рок од 24 часа е затоа што тој само би се откажал од неа. И тоа не сме ние, како Американци, рече Харис.
Тактиката на Харис да го стави Трамп во дефанзива беше јасна уште на почетокот од вечерта, осврнувајќи се на темите поврзани со економијата и абортусот.
Првичните анкети покажаа дека на оваа прва, а најверојатно и последна дебата победи демократскиот претседателски кандидат. Тоа го покажаа и обложувалниците во кои поголем број луѓе типуваа дека Камала Харис ќе биде подобра од Доналд Трамп.
Ова е клучен настан, а според многумина и еден од најважните настани пред историските претседателски избори во САД на 5ти ноември, кој може да го одреди победникот и исходот на претседателската трка, а САД да добијат прва жена за претседател.