Вчера во Собранието конечно беа избрани новите министри по првата реконструкција на Владата на Ковачевски. Еве ги кратките биографии на новите членови на владиниот кабинет на премиерот Димитар Ковачевски.
Кренар Лога е новиот министер за правда. Роден е во Струга 1984 година. Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа, каде што се стекнува со магистратура по дипломатија. Има положено и правосуден испит. Освен албанскиот мајчин јазик, тој зборува и македонски, англиски и италијански јазик.
Лога е член на Државната изборна комисија. Во периодот 2009-2010 бил заменик директор на Управата на финансиска полиција.
Работел како раководител на Сектор за управување со човечки ресурси во Државното правобранителство на Македонија. Тој бил и секретар на Општина Струга и шеф на кабинетот во оваа општина. Работел и како раководител на Сектор за правни прашања и општи работи во Општина Струга. Бил и советник за правни работи во Општина Тетово. Од 2020 до 2021 година бил и извршен директор на Институтот за јавни политики „Арбен Џафери“.
Фатмир Меџити е новиот министер за здравство кој доаѓа од редовите на Алијанса за Албанците. Тој по професија е специјалист-невролог во ЈЗУ УК за Неврологија Скопје, каде што работи од 2011 година.
Меџити доаѓа на местото на Беким Сали, кадар на Алтернатива. Специјализирал неврологија на Медицинскиот факултет во Скопје во 2015 година. Претходно работел како лекар по општа медицина во приватна пракса и во Општата болница „Ферид Мурат“ во Гостивар. Се здобил со лиценца за лекар од Лекарската комора на Македонија во 2000 година. Студирал и на Медицинскиот факултет во Сараево во 1993-1999 година.
Во својата биографија како работно искуство навел и дека бил член и претседател на Управен одбор – Фонд за здравствено осигурување на Македонија (2017-2018); советник на министерот за здравство (2017).
Каја Шукова е новата министерка за животна средина и просторно планирање. Родена е во Скопје на 1 јануари 1970 година. Дипломирала на Технолошко-металрушкиот факултет во Скопје во 1995 година.
Од 2020 година е државен секретар на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) каде била на повеќе функции почнувајќи од 1999 година. Претходно во 1998 година со договор на дело работела во Министерството за градежништво, урбанизам и животна средина каде дошла од Пивара – Скопје.
Активно го познава англискиот јазик, а пасивно германскиот. Има клучни квалификации во управување и планирање на животната средина, а учествувала и во подготовка на законски акти во областа на животна средина и нивна хармонизација со барањата на Европската унија, како и во процесот на скрининг и преговори со ЕУ. Била член на повеќе работни групи.
Азир Алиу е новиот министер за информатичко општество и администрација. Тој е роден во Гостивар во 1976 година. Дипломирал на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, каде се стекнува со магистратура, по што и со докторат по информатички науки на Природно-математичкиот факултет при УКИМ. Зборува македонски, албански и англиски јазик.
Работел како професор во гимназијата „Панче Поповски“ во Гостивар, од каде ја продолжува кариерата на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, каде бил асистент, продекан за наука, вонреден професор, потпретседател на Управен одбор, а од 2020 година е редовен професор.
Во неговата биографија се наведени и ангажмани како проектен менаџер, научно истражувачка работа и објава на научни трудови и книги.