Како што завршуваат контролите сите наводи за злоупотреби во јавните здравствени установи ќе ги доставуваме до МВР и финансиска полиција рече денеска директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски. Клековски рече и дека ќе се бара одговорност за незаконското работење.
–За жал можам да кажам дека во сите контроли што ги правиме има злоупотреби. Значи, прашање е колку контроли ќе успееме да направиме, мислам дека толку злоуптореби ќе има. Морам да кажам дека има примери на, не е само тоа несовесно, недомаќинско, туку незаконско работење во скоро сите контроли што досега ги имаме направено, рече Клековски.
Клековски напомена и дека долгот од пет милијарди денари преку издвојување на средства со ребаланс на буџетот веќе е намален и сега изнесува три милијарди денари, а премиерот Христијан Мицкоски кој денеска го посети фондот за здравство, рече дека постои и план како овој долг дополнително да продолжи се намалува.
„Правиме план како Влада да во периодот што следи можеби еве во текот на следната фискална година уште повеќе да го намалиме тој долг, а очекуваме и со домаќинско, вредно, посветено работење на новиот менаџмент во болниците и здравствените установи низ државата да дел од тие долгови бидат и по тој пат вратени назад“, рече Мицкоски.
Во списокот на должници од јавните здравствени установи на прво место е клиниката за Онкологија со долг од околу 10 милиони евра. Дел од долгот е направен и преку најразлични злоупотреби – исплата на дежурства на сметка на директорите додека тие биле на одмор, малверзации при јавни набавки, сомнителни набавки на софтвери, но и злоупотреби преку додатоците за боледувања.