Украина им порача на своите граѓани веднаш да ја напуштат Русија, укажувајќи на заканата од руска инвазија, која може да ја намали способноста на Киев да дава конзуларни услуги.
Најавата доаѓа откако рускиот претседател Владимир Путин ги призна двете отцепени територии на источна Украина и им нареди на руските трупи таму да „одржуваат мир“.
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека ја издало препораката „поради зголемената руска агресија врз Украина, која, меѓу другото, може да доведе до значително ограничување на способноста да им се дава конзуларна помош“ на Украинците во Русија.
Се проценува дека во Русија живеат повеќе од 2,5 милиони украински граѓани.
Во исто време, украинската војска соопшти дека почнала да повикува резервисти на возраст од 18 до 60 години за до една година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот изјави дека размислува за прекин на дипломатските односи со Русија поради нејзиното признавање на самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск.
Путин потпиша договори за воена соработка со украинските промосковски сепаратисти и испрати таканаречени „мировници“ во Доњецк и Луганск, додека руските сенатори го поддржаа барањето на Путин да распореди војници таму.
Соединетите Држави, кои заедно со своите западни сојузници објавија нов пакет санкции кон Русија, ги опишаа тие потези како „почеток на руската инвазија на Украина“.
Руското Министерство за надворешни работи во вторникот соопшти дека „во блиска иднина“ планира да го евакуира својот дипломатски персонал од Украина бидејќи добиле закани и биле под „постојани напади“.
Неколку западни амбасади се преселија од Киев во градот Лавов во близина на полската граница, бидејќи САД и нивните сојузници со месеци ја обвинуваат Русија дека планира напад врз Украина.