Помошник началникот во СВР Скопје, Музафер Каишиќ денеска сведочеше на судењето за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Тој го опиша моментот кога Влатко Кешишов го однел заедно со други инспектори од МВР до местото каде што била закопана убиената Вања. Рече дека Кешишов се плашел да комуницира со други инспектори од МВР стравувајќи дека ќе биде издаден кај Палевски од страна на тие инспектори.
„Ако дознае Палчо, ќе ме убие“, велел Кешишов.
Тој, според Каишиќ, кажал дека на местото каде била закопана Вања, осомничените комуницирале со радио врски Мотороли, дека носеле ракавици, лопати и копач.
Самиот Кешишов тврдел дека стоел на страна, но го посочил местото на коешто била закопана Вања.
Притоа на началникот му посочил простор кој наликувал на дива депонија и каде што имало перници, душеци и кажал дека треба да копаат таму.
Палевски го праша Каишиќ дали го видел него на некоја снимка од камерите, на што тој одговори негативно: „Не“.
Оружјето со коешто е извршено убиството, не е пронајдено. Началникот спомена дека Александар Ѓорчевски заедно со уште едно лице, Гоце Трајковски, со кого биле во кумска реалција, на инспекторите им испраќале постојано снимки од видео надзорот, фотографии. Гоце се претставил како чесен и совесен граѓаник кој само сакал да помогне во истрагата.
„Гоце ми испрати многу снимки и пораки, една би ја издвоил за специфична. Тоа е снимка и слика од возило на бензинска пупма во Велес на која се наоѓа Панче Жежовски со уште едно лице. Ја видовме таа снимка, но не ни беше јасно зошто ни ја праќа. Во тој момент ги немавме поврзано двата настани, меѓу Жежовски Панче и Вања“, рече Каишиќ.
Гоце тврдел дека снимката потекнува од негов братучед кој работел на таа пумпа и дека тој му ги дал снимките како помош во истрагата.
„Кога Влатко Кешишов нè однесе до местото каде што е закопано телото, кажуваше за себе дека е лош човек. Копавме додека не се појавија носот и веѓата“, изјави Каишиќ.
Каишиќ тврдеше дека таткото Александар во станицата постојано тврдел дека девојчето е киднапирано, а кога инспекторите трагале на различни локации во Козле, Капиштец, во еден од становите во сопственост на семејството кој бил празен, Александар не излегувал од кола и постојано велел дека си го губат времето, и дека треба да гледаат кон мафијашите. Притоа го опишаа како природно конфузен и убеден дека Вања е киднапирана и убиена.
„Не правеше проблем, постојано ни праќаше снимки и слики, бараше да се помогне, а штом ќе тргневме во некоја насока, велеше дека е или киднапирана или убиена“, додаде Каишиќ.