Баерн Минхен попладнево му гостува на Холштен Кил во третото коло од Бундес-лигата, дуел на кој баварскиот гигант е апсолутен фаворит за освојување на трите бода.
Во центарот на вниманието ќе биде Хари Кејн, кој ќе биде во можност да ја продолжи импресивната серија од голови против сите ривали со кои се сретнал во германскиот фудбал по трансферот од Тотенхем. Имено, Кејн за една година играл против 17 екипи од Германија и постигнал најмалку по еден гол против секој од нив. Холштен Кил е 18. ривал за англискиот голгетер, кој сигурно ќе сака уште денеска да го додаде овој клуб на својот список на „пациенти“.
Подобар од Кејн во оваа категорија е единствено легендарниот Мирослав Клосе, кој во кариерата се сретна со 28 ривали од Германија и успеа да се запише меѓу стрелците против секој од нив.