Европската автомобилска индустрија се соочува со опасност да ѝ бидат изречени казни што ќе достигнат вкупно 15 милијарди евра. Тоа ќе се случи доколку се надминат лимитите за емисија на карбон, поради забавувањето во побарувачката за електрични возила, кажа извршниот директор на групацијата Рено, Лука де Мео.
Производителите на автомобили в година ќе се соочат со построги лимити на ЕУ за емисијата на ЦО2. Досегашната граница од 116 грами ЦО2 на километар се поместува на 94 грами на километар.
„Доколку електричните возила останат на денешното ниво, европската индустрија ќе мора да плати 15 милијард казна или да се откаже од производство на повеќе од 2,5 милиони возила“, изјави де Мео за радиото Франс Интер на 7-ми септември.
„Брзината на преоѓање на елетричен погон е половина од таа што ни е потребна за да ги постигнеме целите што ќе ни овoзможат да не плаќаме казни,“ порача Лука де Мео, извршен директор на Рено, кој е воедно и претседател на АЦЕА, европско здружение на производители на автомобили.
Пречекорувањето на лимитот за ЦО2 ќе води кон казна во висина од 95 евра за секој грам ЦО2 по километар над лимитот, што потоа се множи со бројот на продадени возила од тој модел.
Доколку некое возило има за 5 грами повисока емисија на ЦО2 од лимитот, тоа значи дека казната ќе изнесува 5 грами помножено со 95 евра, односно 475 евра. Доколку тој модел се продаде во 100.000 примероци, тоа значи дека производителот за тоа возило ќе ѝ плати на Комисијата на ЕУ казна во висина од 47,5 милиони евра. Кај производителите што продаваат луксузни возила, со силни мотори и тешки каросерии, казната би надминала милијарда евра.
„Сите зборуваат за 2035 година, за 10 години, но ние треба да зборуваме за 2025, бидејќи веќе се соочуваме со предизвик,“ кажа де Мео. ЕУ ја постави 2035 година како краен рок по којшто ќе може да се продаваат само електрични автомобили.
„Потребна ни е малку поголема флексибилност. Поставувањето крајни рокови и казнување, без да ни се овозможи пофлексибилен начин да го постигнеме тоа, многу е опасно,“ цени топ менаџерот.
Извештајот од августовската продажба од Датафорс покажа дека прозиводителите ќе мораат нагло да ја зголемат продажбата на целосно електрични и хибридни автомобили и покрај „пазарниот спектицизам“ за ЕВ, за да може да се исполнат целите за ЦО2 за 2025 година.
Форд и Фолксваген се производители што најмногу се оддалечени од лимитот што е одреден за нив, кажаа од Датафорс. Повеќе за тоа во оваа објава.
Тојота, којашто продава релативно малку електрични возила, но затоа постигнува масовна продажба на хибриди со ниска емисија, најблиску е до лимитот за 2025 година, покажува извештајот. Џили, пак, веќе ја исполни целта, а секако дека и Тесла е под лимитот.