Поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева која беше осудена на седум години затворска казна, си ги вратила привилегиите кои и беа одземени летоска по именувањето на новиот директор на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов.
Од Управата за извршување на санкции за „Слободен печат“ велат дека Јанева се наоѓа во отвореното одделение на женскиот затвор – А третман во затворот „Идризово“ што значи дека таа наутро оди на работа, а се враќа во затвор по работниот ден и користи викенди. На Јанева и останува уште година и половина од затворската казна за да биде целосно слободна.
-Во врска со издржувањето на казна затвор на осуденото лице Катица Јанева, која започнува да ја издржува на 21.08.2019 година со истек на 21.08.2026 година, Ве известуваме дека истата се наоѓа во Отворено одделение – А третман и ги користи сите погодности согласно куќниот ред (истиот можете да го најдете на веб страната на УИС) на установата, исто така Ве известуваме и дека осудената е работно ангажирана надвор од установата – велат од Управата.
Јанева минатата година ги загуби привилегиите да работи надвор од затворот, откако Управата утврди дека не била на работното место и не го почитувала договорот, односно не била во адвокатската канцеларија на нејзиниот син, Лазар Јанев, каде работи.
Нејзиниот син тогаш тврдеше дека Јанева ги почитувала работните услови и дека целта на Управата била друга, со оглед на тоа што пред неговата канцеларија со денови имало новинарски екипи. Тврдеше дека можно е Јанева да била во соседните локали да купи храна.
Јанева беше осудена на седум години затворска казна за случајот „Рекет“, заедно со Бојан Јовановски кој беше осуден на девет години затвор. Тој пак има прекин на затворската казна од 2023 година поради неговата здравствена состојба.