Агенцијата за катастар на недвижностите воведува нови дополнителни услуги за граѓаните што гравитираат кон населбата Драчево. Тие може да ги добијат овие услуги во подрачната канцеларија на Агенцијата лоцирана во оваа населба.
Од вчера во канцеларијата на Агенцијата за катастар на недвижностите во Драчево жителите на Драчево, Пинтија, Зелениково, Долно Лисиче, Студеничани и околните населени места може да поднесуваат разни видови барања до Катастарот.
Со ова значајно олеснување, граѓаните, освен постојните услуги, сега имаат можност на едно место да поднесат барања за издавање имотен лист, копија од план, промена во наслов, теренски барања, промена на катастарска култура, запишување недвижности со незапишани права, како и добивање уверенија за идентификација и историјат на недвижностите, истакнуваат од оваа институција.
Во следниот период Агенцијата ќе продолжи да воведува новини во работењето со цел услугите да бидат подостапни и поблиски до граѓаните.