Оддалечување на лидерот на ДУИ Али Ахмети од политичката сцена побара и градоначалникот на Тетово и лидер на Беса Билал Касами. Во текот на денов пред Касами лидерот на Алијансата за Албанците и министер за здравство Арбен Таравари побара оставка на Ахмети од политичкиот живот. Според Касами, старата гарда на чело со Али Ахмети и другите кои се долго време на политичката сцена, треба да се тргне настрана и да им направи пат на помладите генерации. Ова го објави информативниот портал на албански јазик „Опен.ТВ.мк“
Порталот наведува: „Во Македонија треба да има освежување на политичката сцена и во оваа насока старата гарда на чело со Али Ахмети и останатите, кои се долго време на политичката сцена, треба да се тргне настрана и да им направи пат на помладите генерации. Верувам дека сега Ахмети има можност да размислува во опозицијата, да размислува за партијата и да се подготви за нивните предизвици.“ – изјави Билал Касами, шеф на Движењето БЕСА и еден од лидерите на коалицијата Вреди, на настанот, на кој присуствуваше во Гостивар.
Претходно денеска преку објава на фејсбук Арбен Таравари побара оставка од лидерот на ДУИ Ахмети, поради, како што наведе, „злоупотреби на власта и богатење на неговото семејство“. Таравари спомена кои се причините, што ја прават, според него, „итна оставката на Ахмети“:
„1. Злоупотреба на власта, што повлијае врз нечесното збогатување негово и на неговото семејство;“
„2. Држење на народот во заложништво со децении со формулата ‘со нас се вработуваш, а ако си против нас бидуваш уништен, или прогонет во печалба’;“
„3. Водач на политичка група која е сега обвинета за тешки корупциски злосторства;“
„4. Близок соработник со неколку поединци, по кои се распишана меѓународна потерница;“
„5. Драматична штета по животот на луѓето, особено на Албанците.“