„За нас е голема чест што националниот деец Фатмир Лимани, кој целиот свој живот го посвети на националната кауза, заедно со своите приврзаници, стана дел од Движењето Беса. Партијата дејствува во историски моменти и приклучувањето на една фигура како Лимани е важен сигнал за промени во општеството“, изјави лидерот на Беса Биљал Касами. На прес-конференцијата Лимани рече дека во Беса прифатиле негови политички стратегии, кои се насочени кон општество со нула корупција со иднина за младите кои годиниве бегаат во странство.
Касами оцени дека со приклучувањето на Лимани се зајакнуваат редовите на Беса, а дека овој настан, како што рече, претставува важен чекор за зајакнување на албанската опозиција.
„Нудиме конкретни мерки и политички иновации давајќи шанса за интеракција со сите опозициски политички сили, без разлика дали се тоа партии, невладини организации или професионалци од академската и деловната сфера, со единствена цел да ја урнеме оваа власт. Да потсетам, оваа власт си игра со државата, ја претвори во арена на искривување на волјата на народот, во пазар за купување пратеници, а криминалот и корупцијата станаа составен дел од општеството“, рече претседателот на Беса Биљал Касами.
Тој оцени дека со Фатмир Лимани и неговите прврзаници политичкото патување на Беса, кое започна лани со излегување од Владата, да биде заокружиме со победа на следните парламентарни избори во рамки на политичкиот блок на Албанците.
Фатмир Лимани во своето обраќање на прес-конференцијата рече дека по добриот изборен резултат како самостоен кандидат за градоначалник на Кичево и одличниот одглас, како што нагласи, во други општини, одлучил да го зајакне својот политички ангажман и да се приклучи на Движењето Беса со чиј лидер Касами договорил и заеднички стратегиски прашања кои стануваат дел од дејствувањето на партијата.
„Посебен акцент Беса ќе стави на бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот, на кој план феномен е актуелната Влада, на чие конто се нижат најголемите неуспеси. Поради ваквата власт, странските инвеститори ја заобиколуваат нашата земја, а тоа им ја отвора вратата на младите да бегаат од татковината“, рече Лимани.
Тој рече дека треба напорно да се работи за создавање на работни места во приватниот сектор и преку елиминација на дел од државната бирократија
„Исто така, посебно внимание треба да им посветиме на оние кои дале придонес за нас, а по воениот кофликт се на маргините. Семејствата на мачениците и ранетите во 2001 година, ќе имаат посебен и приоритетен третман. Во овој дел ќе тргнеме почнувајќи од локалната власт што ја раководи Движењето БЕСА, од Тетово и Желино“, рече Лимани.
Тој ги повика, како што рече, граѓаните, млади, интелектуалците да се приклучат кон Беса.
Инаку, Лимани е внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети, во еден период беше заменик-диерктор на ЕСМ, а минатата година ја напушти таа партија незадоволен од практилувањето на власта и самостојно се кандидираше за градоначалник на Кичево освојувајќи близу 5 илјади гласови.