Ако Арбен Таравари остане на ставот дека не е заинтересиран да биде кандидат за претседател на државата, тогаш таа трка, за коалицијата на опозициски партии на Албанците, ќе ја трча Билал Касами.
Ова во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 го открива лично Касами, лидер на Движењето Беса.
Сепак Касами тврди дека разговорот со Таравари на оваа тема не е завршен.
„Таравари рече дека не е заинтересиран, но ние не разговараме за лични интереси, за лични претензии, туку разговараме за интересот на Албанците за носење промена. Ако заедно цениме дека Таравари ќе биде најдобриот кандидат за претседател, јас целосно верувам дека Таравари ќе биде спремен да ја води оваа трка, уште повеќе што во сите разговори што сме ги имале, сите консултации, него го истакнуваат како сериозен кандидат да оди во втор круг“, вели лидерот на Движење Беса.
Од одлуката кој ќе биде претседателски кандидат зависи и кој ќе ја води пратеничката листа на „Европски сојуз за промени“ во Изборната единица 6.
Ако Таравари е кандидат за шеф на државата, тогаш Касами ќе биде носител на листата и обратно, вели Касами.
Според начелниот договор, носител на листата на ЕСП во Изборната единица 1 ќе биде Изет Меџити, а во Изборната единица 2 – Африм Гаши.
Претставникот на Самоопределување, Беким Ќоку, иако е од Струга, ќе биде на листата на ЕСП во шестата изборна единица.