Home » Карма и дарма

Карма и дарма

by Журнал.мк

Поради поданичката стратегија „Наведната глава сабја не сече“, Македонија по 32 години „самостојност“, наместо во Брисел, стигна и стои на првата спирка Софија. Kарма не е судбина, туку дејствување со свој камен по своја глава!

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Вообичаено, за разни збиднувања и околности се вели „карма“, „стигна кармата“, „се случи карма“.

Поим од санскритско потекло, кој се користи во сите светски јазици. Асоцира на причина и последица од определени дејствувања. Може да се промени само со дарма, т.е. доблест на постапување со здрав разум.

Во кармата нема случајности, туку детерминизам и поврзаност на нештата. Принцип на акција и реакција!

Дали македонската држава и народ се под влијание на карма? Зошто повеќе од три децении работите не се движат на подобро, се плаќа ли за некои гревови?

Дали тие што на претстојните мајски избори ќе се определат за лузери и блефери, воопшто знаат дека, всушност, ќе гласаат за колективна пропаст?

Секогаш лебди исконското прашање: „Што ќе беше, ако беше“?

На Второто заседание на АВНОЈ во 1943 година, македонската делегација не стигнала, не поради силно невреме, туку зашто се занесувале и сонувале за обединета Македонија, па не гледале причина да бидат таму.

Зорле, Македонија за првпат добила државност. Можеби било среќа, затоа што делегацијата од инает ќе го одбиела другарот Тито да има држава и рамноправен народ во федерацијата!

Приказната се повторува и во 1991 година. По распадот на сојузната држава, се покажа дека Македонија не е подготвена да продолжи како самостојна држава.

Повторно дојде до израз комплексот на помала вредност и подаништво. Бившите комунисти, подоцна прекрстени во социјалдемократи, се спротивставуваа на осамостојувањето.

КАКО БРГУ СЕ СТЕМНУВА

По неразумно одолжување и суптилно одбегнување, смислија двосмислено референдумско прашање, кое алудираше, пред сѐ, за асоцирање во југословенски сојуз, а не самостојност.

За среќа, народот во огромен процент се определи за независна држава.

Во зората на демократијата, како припадник на МВР, во неделникот „21“, наследник на „Комунист“, ја објавив статијата „Господе, како овде бргу се стемнува“.

Повод беше бесчестието на „елементарната непогода“, Љубомир Данаилов Фрчковски, кој издаде над 100.000 македонски државјанства, претежно на Албанци со нерегулиран статус, со цел комунистичките камелеони да го задржат доминантниот статус.

Власта е како морска вода – колку повеќе се пие, толку се станува пожеден! Беше повеќе од очигледно дека трета среќа нема да има!

Додуша, можеше во два наврати. Првата шанса ја прокоцка Васил Тупурковски со Демократска алтернатива, а втората ја закопа Тито Петковски со неговата НСДП.

Инсталираните марионети имаа историческа мисия да преодолеят завинаги „македонския въпрос“!

Подмолно, под маската на халуцинациите „европски пат“ и „антируско влијание“, „државотворците“ и „интегративците“ безмилосно ја распродаваа и обезличуваа Македонија.

Ги откажаа АСНОМ-ските принципи, прифатија Рамковен договор, територијална поделба и Тиранска платформа. Одработуваа за инсталаторите „Блудница Вавилонска“ и „Вујко Сем“.

Тоталната распродажба „Black Friday“ се случи со Преспанскиот договор.

Го прекрстија името на државата и го избришаа македонскиот идентитет и историјата од антиката до средниот век.

ИДЕЈАТА НА ВАНЧО МИХАЈЛОВ

Повторно со референдумско трик-прашање: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот“?

Иако со излезност од околу 34 отсто, „за“ гласаа претежно Албанците и мал дел од Македонците, „административците“ од власта ги сменија името на државата и Уставот.

Конечно, преговарачката рамка од т.н. Француски предлог за бугаризација и изтриване на македонизъма за винаги. Бугарски идентитет, заедничка историја од средниот век до завршувањето до 1944 година и признавање дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

Нема да има лезет дури и ако, по некое чудо, повторно по третпат, на тацна би се добила нова спастрена држава со сите нишани.

За неколку години ќе навјасаат алјази и џамбази, како рој скакулци и пак ќе ја растурат!

Потврда е фактот што пред претстојните избори, албанските партии инсистираат на уставни измени како услов за коалицирање и формирање на следната влада.

Нема поверодостоен доказ дека во изминатите триесет години, многумина што зазеле истакнати позиции во македонската „самостојна“ политика, во суштина биле прикриени антимакедонци, што веќе не го сокриваат.

Притоа, најпарадоксално е што, свесно или не, ја реализираат идејата на Ванчо Михајлов дека Македонците се Бугари, против која се бореле нивните претци, дедовци и татковци.

Поради поданичката стратегија „Наведната глава сабја не сече“, Македонија по 32 години „самостојност“, наместо во Брисел, стигна и стои на првата спирка Софија. Kарма не е судбина, туку дејствување со свој камен по своја глава!

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More